Поранешниот реис Реџепи тврди дека помогнал Пендаровски да стане претседател, од кабинетот демантираат

Дали за изборот на Стево Пендаровски за претседател на Македонија била клучна интервенцијата на поранешниот поглавар на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи, односно, неговиот повик до муслиманите да гласаат за кандидатот на СДСМ? Ваква дилема се отвори по синоќешната изјава на Реџепи во која тој тврди дека самиот ја одиграл решавачката улога откако за тоа го молеле претставниците на СДСМ и на ДУИ. При гостувањето на ТВ21 тој синоќа рече дека Миле Зечевиќ од СДСМ, кој бил директно пратен од Зоран Заев и Изет Меџити од ДУИ, го молеле пред претседателските избори да ги повика муслиманите од Македонија да гласат за Стево Пендаровски.

Тие ме молеа да ги примам на состанок. Јас да ги примам на состаник, ама каде? Каде сакаш ти. Не, јас им реков каде сакате вие, нема потреба од молба. Тие се луѓе што преставуваат сериозни субјекти. Важно е што јас прифатив, дојдов во Дом на пратеници, побараа од мене да ги помогнам со апел за изборот за преседател на Стево Пендаровски. Два Пендаровци, двајца Стевовци можеа да се изберат со тие гласови со кои интервенирав јас. Јас ја повикав мојата популација, моите муслимани и тоа даде резултат и самиот Стево Пендаровски ми има кажано, ова е твоја победа не моја, истакна Реџепи.

Меѓутоа, Кабинетот на Претседателот на државата Стево Пендаровски, во целост ја демантира ваквата изјава.

Претседателот Стево Пендаровски, ниту пред, ниту непосредно по изборите, имал било каква директна или индиректна комуникација со тогашниот поглавар на ИВЗ, од што јасно произлегува дека наводите искажани од страна на Реџепи се целосно измислени. Претседателот Пендаровски е избран на легитимен и легален начин, на фер и демократски избори, што е потврдено во сите извештаи на ОБСЕ/ОДИХР. Сметаме дека ваквите изјави од страна на Сулејман Реџепи се крајно несериозни и недолични, имајќи ја предвид неговата поранешна улога во ИВЗ, соопштија од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Претходна вестВо „Лајка“ згрижени 25 бездомни кучиња, дел се заловени по пријава дека се агресивни
Следна вестМакедонските фудбалери до 21 година со победа ги завршија квалификации за ЕП