Трошоците за изработка на четири детални урбанистички планови ќе бидат платени од страна на приватна фирма како донација за општина Тетово. Ова на денешниот брифинг го најави претседателот на тетовскиот Совет Бесар Дурмиши. Претходно, Советот на Тетово на последната седница веќе донел одлука да се прими донацијата. Се работи за фирмата „Збукурими“ од село Џепчиште која се обврзува да плати изработка на детален урбанистички план за 4 градски блокови: 15, 23, 41 и 42 во центарот на градот каде се предвидува да продолжи главниот булевар „Илинденска“.
-Овие делови од Тетово во моментот немаат детални урбанистички планови. Тие се многу важни за градот затоа што се дел од трасата на која треба во иднина да се продолжи булеварот „Илинден“, што е предвидено со постарите Генерални урбанистички планови. Кога ќе дојде време да се продолжи булеварот ќе се направи експропријација полесно затоа што ќе има основа колку и како ќе да им се плати на сопствениците на куќите, изјави Дурмиши.
На новинарските прашања на денешниот брифинг кој е мотивот за оваа донација со оглед дека станува збор за фирма од областа на градежништвото и дали ќе значи дека тие ќе градат на тоа место, Дурмиши рече дека не знае за такво нешто.
– Не ја знам точно причината, но претпоставувам дека е нивната добра волја затоа што порано општината соработувала само со две фирми, додека со останатите не било така. Сега ние сме коректни со сите фирми. Колку што знам таа фирма нема таму да гради, туку на други места, истакна Дурмиши.
Дурмиши не можеше да каже во колкав износ е донацијата за изработката на ДУП-от, бидејќи требало да го прави приватна фирма.