Приведен агент за недвижности, се сомничи за измама на повеќе купувачи на станови

По неколкудневна истрага проведен е агент за недвижности кој се сомничи дека до сега за 32.000 евра измамил неколку граѓани кои сакале да купат стан. Државната агенција МИА, која деновиве објави сторија за овој случај, информира дека Единицата за економски и компјутерски криминал, по наредба на надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство, го лишила од слобода лицето против кого беа поднесени неколку кривични пријави од страна на оштетени граѓани за сторено кривично дело измама.

Агентот е уапсен три недели по пријавувањето на случајот во кој шестмина граѓани товарат агент за недвижности за измама според членот 247 од Кривичниот законик. Тие велат дека при обид за купување на стан, се измамени за вкупна сума од 32 илјади евра, при што секој засебно, оставил капар од по неколку илјади евра.

Покрај тоа што биле измамени за капар од 10 илјади евра за еден ист стан, се откри дека двајцата купувачи платиле и данок за промет на недвижности за истиот стан, секој засебно, во вкупен износ од близу три илјади евра. Да плати данок за истиот стан тргнал и третиот оштетен, кој навреме дознал за измамата и веднаш ја повлекол пријавата за утврдување на данок на промет на недвижности поднесена до Град Скопје.

Претходна вестИ пешачкиот тргнал пеш по „Јуриј Гагарин“
Следна вестВо ковид-центрите во Македонија се лекуваат 1.708 пациенти