Прво напишаа сами протокол, денеска испратија и гаранции за безбедна работа- но за игротеките од Влада уште нема абер

Не само што сами си напишаа протокол за работа, игротеките чекајќи Владата да им аминува да ги отворат вратите, денеска испратија до Комисијата за заразни болести дополнителен документ со гаранции за безбедноста по здравјето – како на децата така и на останатите гости и вработени.

Откако на почетокот од јули го доставиле предлог протокол за работа, никој не им одговорил. Сакаат да се сретнат и со премиерот.

-Сакаме да му објасниме дека не само што во игротеките роденденските прослави ќе бидат контролирани многу повеќе од оние што сега се организираат по куќи и дворови, туку гарантираме оти ќе бидат безбедни, објаснува за „Скопско ехо“ Трајко Николовски, претседател на Групацијата на забавни, рекреативнии едукативни дејности во рамки на ССК.

Тој предупредува дека преку 150 субјекти во оваа дејност се пред колапс, а ако веќе функционираат угостителските објекти, рестораните и кафулињата – тогаш зошто да не се отворат и игротеките?

-Треба да се земе предвид дека на месечно ниво децата во неконтролирани и потенцијално опасни средини за ширење на вирусот, како паркови и игралишта без дистанца и без запазување на мерки за заштита поминуваат и по 1-2 часа дневно или околу 60-тина часови месечно. Истото се случува и во комерцијални забавни паркови – рингишпили , вртелешки балерини каде не е контролиран ниту нивниот број, ниту бројот на возрасни. Децата одредено време поминуваат и во кафулињата и рестораните со своите родители, стои запишано во писмото со протоколи и гаранции испратено до Владата.

Претходна вестСиноќа по полноќ избила тепачка пред фонтаната во Градскиот парк
Следна вестВтор ден од фестивалот „Крај Вардарот џез“