Распишувањето на изборите била причина што пет државни универзитети немаат колективни договори

Распишувањето на претседателските и на парламентарните избори оневозможи да бидат потпишани колективни договори со пет Универзитети во земјава, изјави денеска техничкиот премиер Талат Џафери. Тој зборуваше на прес-конференцијата по неодамнешните протести на вработените на петте универзитети кои побараа зголемување и на нивните плати по примерот на УКИМ. Џафери рече дека додека бил претседател на Собранието не успела да ги заврши формалните процедури околу потпишувањето на колективните договори и со овие високообразовни институции.

-Имајќи предвид дека се закажаа изборите, партиските органи ме избраа да бидам премиер кој ќе ја води владата на 100 дена пред изборите. Па така, претседателот на Собранието избран за премиер не успеа да ги заврши формалните процедури за потпишување на договорите. Немаше смисла за 30 дена да се овласти претседателот на Собранието и да се смени овластеното лице. Откако бев избран, за кратко се прогласија изборите, што оневозможува потпишувањето на колективни договори. Затоа, заклучувам дека протести, штрајк во овој контекст и за ова барање се само во функција на дневни политики пред изборите, рече Џафери.

Претходно, тој објасни дека по парламентарните избори во 2020 година, УКИМ до Собранието достави барање за колективен договор на датум 11.11.2020 година, а дека следуваа избори во 2021 година и според Изборен законик е забрането потпишување на колективните договори.

-По ова, се формира работна група и на 29.12.2022 година, јас како претседател на Собранието потпишав колективен договор со УКИМ кој влезе на сила осум дена по објавување на Службен весник, но да почне да се исполнува од 2024 година, кажа Џафери.

Тој објасни дека Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола поднесе барање на 5.5.2023 година, „Апостол Павле“ – Охрид на 16.10.2023 година, „Гоце Делчев“ Штип на 18.10.2023 година, „Мајка Тереза“ – Скопје и Тетовски универзитет на 29.12.2023 година.

Претходна вестЏафери не прифаќа гласање со стари документи: Има уште 50 дена, граѓаните имаат време да се сликаат
Следна вестРетроспективата „Великаните на Браќа Манаки“ продолжува и во март