Потребата општината да заштеди средства за високи сметки за електрична енергија е причина за гаснењето на уличното осветлување на подрачјето на скопската општина Карпош по 1 часот по полноќ. Ова е објаснување кое денеска го даде општинскиот градоначалник Стевче Јакимовски откако повеќе граѓани се пожалиле дека општината тоне во темница во доцните ноќни часови.
Во објавата на социјална мрежа Фејсбук Јакимовски наведе дека ако не се гаснат светилките тогаш ќе мора да се покачи надоместокот з аулично осветлување којшто го плаќаат граѓаните.
– Набавивме 173 тајмери кои што после 1 часот по полноќ го гасат светлото од причини што сметките за електрична енергија се три и пол пати поголеми во однос на оние што сме ги имале претходните години во исто време, односно во 2021 и во 2020 година за улично осветлување сме потрошиле 13 милиони денари за цела година и такви историски трошоци биле предвидени за 2022 година. Но, за жал, само во првите три месеци годинава сме потрошиле 13 милиони денари за електрична енергија. Сметките кои биле 2 милиони денари сега се 7 милиони денари. Тоа се пет милиони денари плус секој месец, односно 80.000 евра, објасни Јакимовски.
Тој додаде дека на располагање има смао две можности: да се штеди или да се покачи цената за улично осветлување.
-Тоа значи ако вие како граѓани сега плаќате по 150 денари по тарифно броило за улично осветлување, во иднина би требало да плаќате околу 500 денари за да можеме да ги покриеме трошоците. Ако граѓаните инсистираат на таа варијанта тогаш јас сум подготвен да одиме на референдум па како ќе одлучат граѓаните така – сакаат да штедиме или сакаат сметките да бидат поголеми. Во овој момент со ова исклучување од 1 часот по полноќ до 5 часот изутрина ние штедиме само 30 проценти од сметката. Тоа значи на тие 7 милиони денари, заштедуваме 2 милиони денари. Тоа значи дека и вака треба дополнително да издвојуваме 50 илјади евра од буџетот на општината. Немаме опција да скратиме други трошоци, рече градоначалникот Јакимовски.



