Што г.г. Стефан му кажа на патријархот Вартоломеј за црквите на МПЦ-ОА во дијаспората?

Се случи и тоа што многу години го посакуваше синодот на МПЦ -ОА предводен од архиепископот г.г. Стефан. Вчера имаше заедничката литургија со вселенскиот патријарх Вартоломеј.

-Ве молиме не заборавјте нѐ и помагајте ни да растеме. При вас се принадлежностите и правата и имаме полна доверба во вас, ги искажа своите надежи за автокефалност архиепископот Стефан, обраќајќи му се на патријархот Вартоломеј.

Вселенскиот патријарх пак, одговори дека тие ќе го дадат својот придонес.

Постоечките православни цркви во наредниов период ќе го соопштуваат својот став, но нечие противење нема да може да го блокира целиот процес. А тоа значи дека одлуката дали и кога ќе биде издаден Томосот за автокефалност е исклучиво во рацете на Вселенската патријаршија која што е надлежна за тоа.

Но, тоа веднаш го отвора прашањето што ќе пишува во овој клучен документ за постоењето на една самостојна и независна црква? Зборуваа ли за тоа владиците Стефан и Вартоломеј?

Искуствата покажуваат дека во Томосите коишто Вселенската патријаршија ги давала на одделни Православни цркви постоеле различни права и обврски. Од дваесетите години на минатиот век постои стремеж Вселенската патријаршија да си има посебни права во однос на Православната црква на која и дава автокефалност. Тоа го покажува и последниот Томос за автокефалност кој таа и го дала на Православната црква на Украина и во кој што ВП ја презеде јурисдикцијата врз нејзините епархии во странство, си направи свој Егзархат во Киев, се постави како второстепена судска инстанца за црковни спорови, нејзиниот поглавар не смее да ја менува титулата без согласноста на вселенскиот патријарх, наложи како ќе се формира Синодот на новата црква…

Што мисли за ова г.г. Стефан? Што му кажа околу македонските епархии во странство, кој треба да ги раководи?

Дали Вселенската патријаршија ќе посака и ќе побара да ги добие ингеренциите и јурисдикцијата врз четирите епархии на МПЦ-ОА во дијаспората – по една во САД и Канада, Европа и две во Австралија? Ова прашање се потенцира откако во актот на ВП од 9 мај беше напишано дека јурисдикцијата на нашата Охридска архиепископија се однесува само на државните граници на нашата земја. Тоа го отвора прашањето: дали МПЦ-ОА ќе ја има јуридикцијата и надвор? Ако не таа, кој ќе ја има и каков став за тоа имаат во Синодот на МПЦ-ОА?

Синодскиот портпарол владиката Тимотеј неодамна изјави дека вакво нешто не се планира, но тој не кажа и како конкретно ќе биде уреден односот кон епархиите во дијаспората кои што сега се под јурисдикцијата на МПЦ-ОА во странство. Од друга страна, нашите сонародници од странство веќе отворено најавуваат дека ќе се спротивставата на предавање на нивните епархии на Вартоломеј.

– Се разбира дека нема да ја прифатиме јурисдикцијата на Цариградската патријаршија. Не прифаќаме ничија јурисдикција освен на онаа МПЦ што постои како афтокефална од 1967. Такво преминување во нечија друга јурисдикција не го дозволуваат ниту Уставите на нашите самоуправни црковни општини, изјави неодамна за „Скопско ехо“ Игор Александров, генерален раководител на Македонската православна заедница од Австралија од Сиднеј.

Ова, секако, е важно прашање и од него може да настане голем проблем. Од таа причина, многу е важно дали во текот на престојот на македонскиот архиепископ Стефан во Цариград е отворено прашањето за јурисдикцијата врз нашите епархии во дијаспората. Односно, дали веќе сега се договара прифатливо решение коешто ќе оневозможи да се случат несакани реакции на нашите сонародници.

Прашањето на јурисдикцијата на епархиите на Православните цркви надвор од нивни матични државни граници е прашањето за кое долго време се водат преговори меѓу православните цркви. И од таа причина МПЦ-ОА сега не би требала да брза со прифаќање на решенијата на своја штета. 

 

Претходна вестГрад Скопје го објави јавниот повик за субвенции за набавка на инвертери
Следна вестОблаците го пораснаа Преспанско езеро 1 сантиметар, кога властите ќе мрднат 2 сантиметри?