Фудбалската федерација на Аргентина (АФА), како и повеќе клубови во земјата, се најдоа под истрага поради сомневање за перење пари, објавија светските агенции повикувајќи се на полициски извори.
„Досега се извршени меѓу 25 и 30 претреси во фудбалски клубови и приватни домови“, изјавил истражител запознаен со случајот.
Според истиот извор, аргентинското правосудство ги проверува сметките на финансиската компанија Sur Finanzas, која е спонзор на голем број клубови во земјата и беше официјален спонзор на аргентинската репрезентација во 2024 година.
Минатиот месец, компанијата што ја води бизнисменот Луис Валехо, близок со претседателот на АФА, Клаудио Тапија, беше осомничена за даночно затајување во износ од речиси половина милијарда евра.
Меѓу клубовите во кои биле извршени претреси се Расинг Клуб, Индепендиенте, Банфилд и Сан Лоренцо.





