Спасовски од идната недела ќе го критикува хаосот со личните документи?

Хаосот околу ултимативното менување на личните документи во Македонија продолжува. Владата ( а и Претседателот на државата) веќе две недели кажуваат дека нешто ќе превземат, ама денеска мнинистрите си даваат оставка, а гужвите, долгите редици, повеќечасовно долго чекање, нервозите, понижувањата за граѓаните останаа. 

Зошто власта остави крајно лоша ситуација? А, се можеше лесно да се реши со наједноставно продолжување на ултимативниот рок кој истекува на 12 февруари.

Но, знаат ли македонските министри што ќе се случува по 12 февруари, односно, какви се проблеми ќе произлезат по македонските граѓани? Првенствено во однос на тоа дека оние кои немаат сменето пасош не ќе можат да одат во странство. А бројката нема да биде мала.

Вчера министерот Спасовски соопшти дека до сега се сменети 1,25 милиони патни исправи. Но, што станува со остатокот до 1,8 милиони македонски граѓани, колку што покажа последниот попис дека ги има во земјава? Колку време ќе треба за да околу 600.000 граѓани ги сменат патните исправи?

Но, според Спасовски процесот се доведувал до крај:

-Имаме сериозен напредок, самата бројка на издадени над 1,25 милион патни исправи и над 1,1 милион лични карти и околу 550.000 возачки дозволи говори дека процесот се доведува до крај. И најважно од се е дека на 12 февруари не престанува издавањето документи, тие ќе можат и понатаму да се издаваат, истакна вчера Спасовски.

Да, ќе се издаваат, (иако и тука има сомнеж укажан од правобранителот дали има доволно обрасци) ама тоа со сегашното темпо сето тоа ќе трае можеби цела година и повеќе. Во тој период тие граѓани ќе немаат можност да патуваат во странство – не по своја вина. Министерот сигурно знае дека уште пред два месеци ако некој се јавеше за термин ќе му беше закажано за во септември, а ултиматумот е до средината на февруари. Апсурд.

Кој е за тоа виновен? Впрочем почнаа граѓани и преставки да пишуваат до правобранителот околу ова.

Но, Спасовски денеска заминува во оставка и се збогува од МВР. Остава друг да му ја мисли околу хаосот кој е создаден во неговото министерство.

А инаку, колку време ќе треба и оние наши сограѓани кои живеат во странство да ги заменат пасошите? Се знае дека заедно со нив има околу 2,5 милиони граѓани со македонски патни исправи. Тогаш, колку време ќе треба за остатокот од 1,25 милиони граѓани. Ако гледаме како до сега се менуваа…

Размислуваа околу ова во Владата? Или, сеедно им е, оти сега веќе на техничката влада останува хаосот да го решава.

Спасовски може веќе од идната недела и ќе критикува дека слабо се работи околу хаосот со личните документи.

Претходна вестСДСМ: Се тресеше гората и на крај се родија слаби кадри на ДПМНЕ
Следна вестИзложба „Аушвиц – Место на Земјата: Албум со фотографии од Аушвиц“