Судски совет контра Антикорупциска: Дајте доказ дека претставката против Мерко сте ни ја доставиле во 2018-та година

Неосновани и неаргументирани тврдењата на Државната комисија за спречување на корупција за наше наводно непостапување, па дури и прикривање во случајот со  струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, соопшти денеска Републичкиот Судски Совет. Овој орган реагира на неодамнешното тврдење на претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска дека уште во 2018 година поднеле таква претставка но потоа добиле одговор дека е „загубена“. Ивановска покажа и потврда дека претставката била примена.

Од Советот ги повикаа антикорупционерите да достават доказ дека ја поднеле претставката и ги потсетуваат дека им требало цели две години да испратата ургенција.

-Ја повикуваме ДКСК да достави доказ дека претставката е навистина примена во Судскиот совет во 2018 година, кога се уште течеле роковите за постапување. Зачудува фактот што на Антикорупциска и требале дури 2 години да реагира со ургенција за споменатиот случај и се поставува прашањето зошто не се заинтересирале дотогаш да побараат одговор дали е постапено по истата, се наведува во соопштението.

Од Судскиот совет потенцираат дека за прв пат ургенција од ДКСК до тогашниот Претседател  Павлина Црвенковска е доставена на 4.06.2021 година заведена под број УПП 08 341/1, во која Судскиот совет се информира дека  е оформен предмет  по нивна иницијатива  врз основа на наводи изнесени во медиумите  за постоење сомневање дека струшкиот градоначалник ја злоупотребил својата службена положба  при набавка на четири  автомобили за потребите на  општината со вкупна вредност  од 114.000 евра. Во ургенцијата, ДКСК  се осврнува и на двете решенија со број ППНИ  24/16 од 13.05.2016 и ППНИ 84/17 од 28.11.2017 година донесени од ист судија, Претседателот на основниот суд  во Струга Ифет Бајрамовски, кои како што тврдат, иако се темелат  на иста фактичка состојба и исти образложени причини, различно ја решаваат правната работа.Во првиот случај, барањето на должникот –општина Струга се одбива, додека со второто решение се усвојува. Во прилог на оваа ургенција е  доставена и претставка од ДКСК  од 18.11.2019  година, која е  насловена до тогашниот Претседател на Судскиот совет, Киро Здравев.

-Веќе на 10.06.2021, или само неполна недела по добивањето на ургенцијата, Судскиот совет испраќа известување до ДКСК  во кое се информира оваа институција дека во конкретниот случај е поминат подолг временски период, односно решенијата се од 2016 и 2017 година, поточно е истечен рокот од три години  предвиден во член 61 од Законот за судски совет. Сакаме да потенцираме дека во таа прилика, Судскиот совет за прв пат ја добива на увид спомената претставка од 18.11.2019 година адресирана до тогашниот претседател Здравев. По направените проверки во Архивата на Судскиот совет, дојдено е до сознание дека таква претставка не е воопшто заведена во електронскиот систем. Оттаму зачудува  паушалното тврдење на ДКСК дека „претставката е загубена“, потенцират од Судскиот совет.

Судскиот совет  категорично одбива да биде неправедно етикетиран и вбројуван во институции, кои наводно свесно помагале во забошотување на предмети поврзани со струшкиот градоначалник, а уште помалку дека во позадина се некакви политички влијанија.

Претходна вестЦената за која е купена „Соравија“ била доверлива, внукот на Ахмети само кажа дека го презеле и долгот
Следна вестТешко повредена повозрасна жена, со автомобил излетала од патот