Темен режим Режим на светлина

Тензична седница на Советот на Карпош за новиот ДУП до булеварот „Гологанов“

Во тензична атмосфера се одржува седницата на Советот на Општина Карпош на којашто се разгледува Детален урбанистички план за ЈО3 блок 2, за просторот покрај булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“. Пред објектот во којшто заседаваат советниците се собрани дел од граѓаните коишто се противат на носењето на овој План. Тие бараат ДУП-от да биде повлечен, а завчера со писмо соопштија дека се категорични во отпорот детското игралиште, фонтаната и огромното зеленило покрај булеварот „Теодосиј Гологанов“ да се претворат во згради.

Пред зградата на Универзитетот за туризам и менаџмент кадешто се одржува седницата се слушаа пцовки, дерење и туркање пред почетокот на седницата на општина.

-Ова е протест на жителите кои живеат во населбата што почнува од детското игралиште во Козле па завршува до Реплек. Сите тие жители имаат сериозно забелешки до ДУП-от, затоа што наместо постојното игралиште, фонтана и зеленило и дрворед, се планира асфалтирање на тој простор, дури 10 улици, со што постојниот парк ќе стане сообраќајница, рече еден жител.

На градоначалникот на Општина Карпош Јакимовски пред седницата, во видео-обраќање преку Фејсбук, на граѓаните им порача дека не е вистина дека со новиот ДУП на таа локација е предвидено да се градат пет нови згради.

– Чиста лага е дека ќе се градат пет згради на тоа место. Такво нешто не постои во планот. Не можам да се начудам до каде одат лагите и манипулациите на некои граѓани, рече градоначалникот. Чиста лага е и дека нас ни текнало да нацртаме „аутострада“ со која ќе ги уништиме парковите, зеленилото, детски игралишта. Замислете, тие ме обвинуваат дека сакам да ги срушам фонтаната, игралиштето, клупите, зеленилото кои јас сум ги направил. Немојте да ги слушате тие што сакаат да ве лажат, порача Јакимовски.

Тој ги образложи позитивните измени во новиот ДУП.

-Булеварот „Теодосиј Гологанов“ го проектирал Кензо Танге, и сите градоначалници наваму го следеле неговиот план. Во претходниот ГУП овој булевар беше предвиден со профил од 78 метри. По наше инсистирање кај тогашниот градоначалник Коце Трајановски во новиот ГУП од 2012 година профилот на булеварот беше намален на 60 метри. Со овој ДУП како позитивна промена исто така предвидени се три влеза и излеза во булеварот, за разлика од досега каде има само еден, потенцираше Јакимовски.

Потоа, уште пред да започне утврдувањето на дневниот ред градоначалникот Јакимовски соопшти дека ги повлекува сите предложени точки на седницата и ги повика граѓаните утре да дојдат во Општината, каде тој, планерот и стручните служби ќе им ги објаснат сите нејаснотии околу планот. По тоа, Јакимовски, заедно со службите ја напушти седницата. Меѓутоа, точките на дневен ред што ги повлече Јакимовски, повторно беа предложени од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и по што седницата продолжи.

Инаку, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош денеска соопшти дека е против донесувањето на овој ДУП онака како што е прелдожен.

-Ние ќе гласаме „против“ бидејќи барањата и забелешките на граѓаните се идентични со ставот, заложбите и програмските определби на ВМРО-ДПМНЕ. Ние сме „за“ хумана урбанизација, вели Адријана Јакимовска Панчевска, советник на ВМРО-ДПМНЕ во Совет на Општина Карпош.

Таа додаде дека со овој предлог Детален план се предвидуваат три нови згради единаесеткатница, седумкатница и шесткатница, дека се одзема дел од постоечките гаражи кои се приватна сопственост на граѓаните и дека се уништува зеленило за катна гаража која е предвидена на постоечки паркинг простор.

-Апелираме до претседателот на Совет од Левица и до градоначалникот дека игри со распоредот на денешниот дневен ред не прифаќаме, бараме точката да остане на дневен ред, да можат советниците да дискутираат и истата да ја гласаат!, додава Панчевска.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Компанија од Кина им нуди 126 милиони евра на работниците за да имаат деца

Следна објава

Уставен суд: Графата за етничката припадност во изводите привремено нема да важи