Владата чека, синдикатите и работодавачите се испокараа околу предлог мерките на Комисијата и Филипче

Какви ќе бидат новите мерки околу пандемијата? Што со вакцинирањето? Ако вработените не сакаат да се имунизираат кој да го плаќа нивното тестирање на корона вирусот? Ова се дилемите околу кои деновиве ќе треба да пресече Владата во ситуација во која најголемите синдикални организации на работниците и работодавците со свои ставови застанаа на спротивставени страни.

Комисијата за заразни заболувања и министерот Филипче неодамна предложија нови мерки со кои се предвидува сите вработени во јавниот сектор да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа што ќе биде направен на сопствен трошок. Оние кои го прележале вирусот ќе треба да приложат потврда за прележан Ковид-19, не постар од 45 дена.

Ова веднаш предизвика реакција во јавноста, но и кај дел од медицинските експерти кои укажаа дека мерките не се базираат на медицинска логика. Реагираа и синдикатите кои сметаат дека се работи за неуставно барање кое не смее да падне врз грбот на работниците.

– Вакцинацијата мора да биде резултат на лична определба на работниците и не смее да се спроведува со присила. Процесот на имунизација не смее да се спроведува на штета на елементарните права на граѓаните гарантирани со Уставот, меѓународните конвенции и закони и против војата на поединецот. Ниту еден закон не им дава право на работодавците да бараат од работниците да се тестираат и тоа на свој трошок, соопшти неодамна Сојузот на синдикатите на Македонија.

Претседателот на ССМ деновиве изјави дека тие се со предлог „доколку работникот не може или не сака да се вакцинира тие ПЦР тестови за да може тој да ги врши неговите работни задачи да паднат на товар на работодавачот“. 

И Конфедерацијата на слободни синдикати смета дека со предложените мерки се кршат основните човекови права.

-Вакцинирањето треба да е личен избор, а не да се наметнува со мерки. Предлогот трошоците за ПЦР тестовите да бидат на трошок на вработените за нас е неприфатлив, со оглед на тоа дека над 80.000 вработени во јавниот сектор се на минимална плата која не е доволна да се преживее во текот на месецот. Недозволиво е на осиромашените работници, да им се наметнуваат дополнителни трошоци, а притоа да се прекршуваат и нивните човекови права, предупредија од КСС.

Синдикатот УПОЗ конкретно пресмета дека во случај вработените сами да го плаќаат тестирањето, тогаш за ПЦР тестови кои ќе треба да ги прават на секои три дена, ќе треба да плаќаат најмалку 20.000 денари месечно за да докажат дека можат да одат на работа.

Од друга страна, организациите на работодавците не се согласуваат со барањата тие да ги плаќаат трошоците за тестирањата.

-Целосно е неприфатливо товарот за задолжително тестирање за оние кои не сакаат да се вакцинираат со бесплатни вакцини да падне на претпријатијата. Тие се во лоша финансиска состојба со сериозно намалена ликвидност, бидејќи голем дел од обврската за да се задржат вработените и да се одржи деловната активност во услови на криза е токму на работодавачите, велат од Сојузот на стопански комори.

Од Комората на северозападна Македонија деновиве изјави дека гледа дискриминација од јавниот и приватниот сектор кадешто се обврзани за носење на трошоците.

– Треба да се има предвид компаниите колку вработени имаат во случај тие да имаат вработени кои не веруваат и треба секоја недела да прават ПЦР тест. Компаниите да најдат начин да се субвенционираат од државата и трошковите да се споделат и минимизираат, порача Хоџа.

Од трета страна страна, правните експерти укажуваат дека оние кои ќе принудуваат вработени на вакцинација спротивно на нивната волја ќе бидат и кривично одговорни.

-Предложените мерки се спротивни пред сè со Уставот на Република Македонија како и со низа закони и меѓународни конвенции кои Македонија ги има ратификувано. Работодавачите кои ќе ги принудуваат  вработените на вакцинација спротивно на нивната воља, ќе бидат и кривично одговорни! Доколку се донесат незаконските мерки, граѓаните треба да добијат заштита на своите права по правен пат со соодветни поднесоци и правни процедури кои треба да ги води адвокат, предупреди во интервју за „Скопско ехо“, Лазар Јовевски, вонреден професор по трудово право на скопскиот Правен факултет „Јустинијана Прима“.

Сигурно некој од Владата сето ова го следи. Ќе почека ли уште време за да донесе одлука, не е познато.

Претходна вестАлтернатива утревечер ќе пресече – одат во Влада или остануваат опозиција
Следна вестПрегазена жена во Скопје, возачот избегал