Денеска е последниот работен ден од оваа неделата. Ни следува продолжен викенд поради празнувањето на најголемиот христијански празник – Велигден. Следуваат денови за славење, дружење и опуштање. Се очекува, како и низ годините наназад, во Македонија да има и згуснат сообраќај. Значи, ова треба да се денови и на зголемена внимателност и одговорност кога сме на сообраќајниците.
Загрижувачките бројки за сообраќајните незгоди се сериозен потсетник дека мора да се отвораат „четири очи” на патиштата. Впрочем статистичките бројки од минатата година зборуваат доволно дека треба да се биде многу внимателен: лани во Македонија имало вкупно 8.183 сообраќајни незгоди. Притоа, 132 лица го загубиле животот, 1.010 лица се здобиле со тешки телесни повреди, додека 5.705 лица претрпеле лесни телесни повреди.
Брзината, невниманието и возењето под дејство на алкохол се најчестите причини за трагедиите на патиштата. Затоа, потребно е секој возач да
покаже одговорност – и кон себе, и кон другите учесници во сообраќајот. Празниците треба да поминат во радост, а не во црни хроники.




