Во два наврати ја тепал сопругата дури и на улица пред децата

Кривична пријава за насилен маж кој ја тепал сопругата. Имено, скопското основното јавно обвинителство поднесе обвинение против 40-годишник од Тетово за сторено продолжено кривично дело телесна повреда.

Обвинетиот со престојувалиште во Скопје, во период од 30 август до 1 септември, во два наврата, со умисла ја повредил поранешната сопруга. Тој на 30 август, во семејниот дом во Скопје со тупаници повеќе пати ја удрил во пределот на главата и во десната подлактица.

На 1 септември, во парк во близина на основно училиште во Аеродром, тој повторно со умисла ја повредил оштетената, која со нивните малолетни деца била излезена на прошетка. Обвинетиот со такси-возило ја чекал поранешната сопруга пред влезот на училиштето, по што тргнал кон неа и неколку пати со тупаници ја удрил во главата и во десната подлактица.

Од двата напади кај оштетената билe нанесени повреди како набиеници, подливи и акутна реакција на стрес.

Со цел обезбедување на присуството на обвинетиот во текот на кривичната постапка, како и заштита од повторување на насилното однесување, надлежниот јавен обвинител до судот доставил посебен предлог за продолжување на претходно определениот притвор.​

Претходна вестОд Албанија, Србија и Германија влегле најголем број од увезените случаи на корона вирус во Македонија
Следна вестДуќани се издаваат без кирија во ГТЦ, други се затвораат, работат пекарите, кафулињата и трафиките