Во скопската општина Кисела Вода денеска започна изградбата на првиот и единствениот мега шаховски парк во Македонија.
-Паркот ќе се простира на површина од 4000 метри квадратни во населбата 11 Октомври Бараки. Паркот ќе понуди едно големо шаховско поле за одржување на натпревари и уште едно, за рекреативно дружење за сите жители од 7 до 77 години. Ќе биде опремен со клупи и други урбани содржини, со многу зеленило и ќе биде целосно осветлен. 15-те професионални шаховски табли ќе бидат наменети за одржување на натпревари од локален, регионален и меѓународен карактер, со еден збор ова ќе биде центарот на шахистите во Македонија, а како круна на сето ова ќе стои споменик од кралот и кралицата, најави денеска градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Идејата за ова дело кое ќе биде изградено за краток период, произлезе од заедничкиот разговор со претседателот на шаховската федерација на Македонија Саша Богдановиќ, поранешен градоначалник на Скопската општина Центар.
Ѓорѓивески наведе дека нешто слично на ова, постоело во Градскиот парк во Скопје за време на одржување на шаховската олимпијада во далечната 1972 година но не како шаховски парк, туку само импровизирани полиња кои служеле за потребите на натпреварите.
-Паркот ќе биде од голема полза и за учениците, бидејќи шахот веќе е изборен предмет во училиштата и тука ќе можат да се дружат и да играат. Шахот е глобална игра која промовира правичност, инклузивност и меѓусебно почитување, придонесува за поголема толеранција и разбирање меѓу луѓето и токму затоа, ова ќе биде уште едно културно собиралиште на мојот народ во Кисела Вода, рече градоначалникот.