Заев и Груевски негираат – немало никакви тајни средби за КЗ

Немало никакви тајни средби на коишто се договарани измените во Кривичниот законик, реагираа вчера во одвоени реакции поранешните премиери Зоран Заев и Никола Груевски. Изјавите доаѓаат по изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека во изминативе неколку години имало неколку тајни средби во врска со измените на Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба

Зоран Заев во изјава за Телевизија 24 рече дека се работи за невистинито тврдење.

-Не е точно дека сум имал тајни средби со Ахмети и Груевски и сум договарал измена на Кривичниот законик. Изјавата на Ахмети не е вистина, рече тој.

Со демант се јави и Никола Груевски кој во објавата на Фејсбук наведе дека немало никакви тајни средби на кои тој учествувал. Тој наведе дека членот 353  како несоодветен на кривичното законодавство во ЕУ е споменуван неколку пати на маргините на други состаноци организирани за правни прашања на различни нивоа до 2018 година.

-Но никогаш не се влезе во некоја фаза на реализација, бидејќи во тоа време приоритет на власта беше што посилен да е политичкиот прогон, а не усогласување на законодатвстото со ЕУ, особено ако тоа може да им попречи во злосторничките намери на Зоран Заев.За средбите кои ВМРО-ДПМНЕ ги прекинало “пред 3-4 години” како што наведе Али Ахмети во неговото интервју, не можам да се произнесам бидејќи во тој период јас не сум во Македонија, а по моето заминување од Македонија новото раководатво целосно ме екскомуницираше и немам никаков контакт или информација за нивните активности и одлуки, освен од медиумите. Оттука сите оние кои говорат за некакви мои контакти, комуникација, средби, или влијание на одлуките на ова раководството на ВМРО-ДПМНЕ, се онолку неточни колку и истите такви лаги дека во изминатиот период сум имал наводни  средби со преставници на власта, за преговори за едно или за друго прашање. Од никого не сум побарал да бара амнестија за мене кај актуелниот претседател на Македонија Пендаровски. Го повикувам претседателот на републиката кој даде изјава дека некои лица разговарале со него за моја амнестија, да соопшти јавно кој му барал амнестија за мене, вели Груевски преку социјалната мрежа Фејсбук.

Претходна вестНов протест за криминалот на Клиниката за онкологија: Се бара правда за жртвите
Следна вестБугарските окупатори се плашеле од херојот Рампо – Левката дури и откако го убиле