Блокада на фреквентниот булевар „Александар Македонски“ вечерва со почеток во 18 часот ќе извршат жителите на скопската населба Автокоманда. Протестот е реакција на префрлување на населбата од таканареченото „железарско парно“ на топловодната мрежа која се снабдува од Топланата Исток со која стопанисува државната компанија ЕСМ.
-Ладни радијатори, температура во становите далеку под 20 степени, безброј реакции, постови и коментари на социјалните мрежи, залудни повици и пријави до “надлежните”. За да не останат само фацебоок револуција, неопходно е во вторник во 18 часот да излезе цела Автокоманда на улица. Оправдувања за отсуство нема, се наведува во поканата за протест закажан на локацијата кај објектот „Бакс“.
Своето присуство на денешниот протест го потврдија пратениците Жаклина Пешевска и Зоран Коцевски, претседателката на Советот на Оштина Гази Баба, Дијана Илиевска, советниците во општинскиот совет, Александар Каровски и Филип Атанасов, а се очекува на блокадата да дојде и градоначалникот Бобан Стефковски кој го поддржа и првиот собир на граѓаните.
Иако покана е упатена и до претседателот Стево Пендаровски како жител на Автокоманда до неговиот избор во 2019 година, засега нема најава дали ќе излезе на барикадите заеедно со своите поранешни соседи.





