Претставници на македонската Влада денеска ги потпишаа договорите за изведба на двете фази од пругата кон Бугарија, капитален инфраструктурен проект во којшто се инвестираат 200 милиони евра, чија градба се најавува веќе три децении. Австриската компанија „Штрабаг“ е избрана за да ја гради пругата од Куманово до Бељаковце, додека турски „Ѓулермак“ ќе ја изведува втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка од железничкиот Коридор 8 кон Бугарија.
Пругата долга 31 километар меѓу Куманово и Бељаковце ќе чини 40 милиони евра и ќе се изгради во рок од две години, односно до 2024 година. Железничката линија од Бељаковце до Крива Паланка со должина од 34 километри ќе чини 155 милиони евра. Рокот за нејзината изградба е три години, односно ќе биде завршена до 2025 година. За делот од Крива Паланка до Деве Баир добиена е потврда дека државата ќе земе грант од 155 милиони евра, но нема најава кога ќе се распише тендер за фирмата што ќе ја гради.
Дополнително ќе се рехабилитира и потегот од Ногаевци до Неготино од Коридорот 10 долг 31 километар за кој, како што рекоа од Владата, ќе бидат потребни 6 месеци.
-За двете фази од пругата кон Бугарија се обезбедени во целост финансиските средства за градежните работи, така што отстранети се сите пречки за реализацијата на инфраструктурниот проект. Пругата Куманово-Крива Паланка ќе се гради со обезбедените неповратни средства од Инвестициската рамка за Западен Балкан на ЕУ во висина од 68,5 милиони евра, како и кредит од Европската банка за обнова и развој, изјави директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ, Хари Локвенец.
Тој додаде дека досега се обезбедени над 50 отсто од целокупната финансиска конструкција и за изградба на пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија, за која веќе е комплетирана и целосната проектна документација. За тоа се обезбедени 155 милиони евра неповратни средства од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и дополнителни 61 милион евра преку ИПА програмата на ЕУ, така што за последната фаза државата има 216 од неопходните 405 милиони евра за финализирање на најтешката фаза од капиталниот проект.




