Дерби дуелот од 6. коло во Лигата на шампионите се одигра во Милано, каде Интер беше поразен од Ливерпул со 0-1 на „Џузепе Меаца“, откако победничкиот гол беше постигнат од пенал во самиот финиш. Во првото полувреме, во 32. минута, Конате ја затресе мрежата на домаќините, но погодокот беше поништен поради игра со рака на еден од фудбалерите на Ливерпул.
Клучниот момент се случи во завршницата, кога Бастони направи прекршок во шеснаесетникот, по што ВАР сигнализираше пенал, а Собослај беше прецизен за минимална победа на англискиот тим.
За разлика од овој натпревар, останатите средби од вечерниот термин понудија поголема ефикасност, при што најмногу голови паднаа на дуелите ПСВ – Атлетико Мадрид и Ројал Унион СЖ – Олимпик Марсеј, кои завршија со победи на гостите од 2-3.
Тотенхем најубедливо славеше против Славија Прага со 3-0, Монако минимално го совлада Галатасарај со 1-0, Аталанта со пресврт го победи Челзи со 2-1, додека Барселона со пресврт-триумф против Ајнтрахт, благодарение на двата брзи гола на Кунде, ја заокружи возбудливата европска вечер.





