Нема неконтролирано ширење на вирусот, но анализите од наредниве два-три дена ќе покажат дали до крајот на неделава ќе се воведе ограничено движење и полициски час во одредени подрачја, изјави пред малку министерот за здравство Венко Филипче.
Зборувајќи за денешното големо зголемување на болните од Ковид – 19 тој рече дека најголемиот дел од новозаболените се заразиле преку контакти со веќе заразените лица и се од познати кластери.
-Ќе ги пратиме бројките, па ќе носиме одлуки до крајот на оваа недела. Тоа би биле евентуално карантини за Гази Баба, Сарај, Чаир, делови од Штип и евентуално полициски час ограничен на одредени региони и делови од градот, објасни министерот.
Тој рече дека новозаболените дале податоци дека ги прекршувале мерките за ограничување. Охрабрувачки е тоа што најголем дел од заболените имаат лесна слика, односно, можат се лекуваат во домашни услови.
-Ситуацијата не е излезена од контрола. Ова бројка може да се спореди со слични бројки од претходни периоди. Но, тогаш не можевме да предвидиме што може да очекуваме. Сега точно заеме со кој капацитет може да одговори здравствен систем на овој предизвик. Предвидувањата прават да може да кажеме дека може да го амортизираме ваков удар од новозаболените, рече министерот.
Зборувајќи за новозаболените во Скопје тој рече дека 70 проценти од нив се случаи од населбите Чаир и Сарај. Најави дека медицинските екипи интензивно ќе работат во Чаир и во Студеничани. Во Штип ќе се затворат пет конфенкции и нивни 600 вработени ќе се тестираат.
-Проблем е и тоа што во некои семејства не се верува дека вирусот воопшто постои. Вирусот постои и мора да се почитуваат мерките, нагласи Филипче.