„Македонски шуми – џунгла во неколку метри квадратни, изгледа ова е мисијата на истоименото претпријатије, односно неговата подружница во Аеродром, ама веќе станува сериозно“ – вака, саркастично се шегуваат аеродромци во врска со околината на претпријатието, која е запуштена, обрасната со високи треви, а и станува опасно движењето покрај неа.
– Постојано нешто мрда. Не се само гуштери, навечер, кога никој не се движи излегуваат ежеви, стаорци… Не сакам ни да помислам дали има змии. Ако „Македонски шуми“ сака да биде автентично – според името – им успева, дефинитивно, ама може и да настрада некое од децата. Тие постојано тука си играат, сакаат да истражуваат. Не би рекол дека целта им е да бидат оригинални, туку станува збор за неодговорност и запуштање. Кој ќе одговара ако некое од децата биде повредено- прашува преку „Скопско ехо“ еден од жителите во зградите од непосредната околина.
Соседството и лани се пожали во нашата редакција со апел да помогнеме. Алармиравме и по неколку дена тревата беше искосена и исчистена. Но, дали треба медиумите да притиснат за и најмалата работа да тргне во државава? Дали треба ние да кажеме дека претпријатието кое треба да биде “број 1„ во демонстрацијата на чист и уреден простор – би требало да си ја искоси џунглата околу себе?! Тоа му доаѓа слично како на врвен фудбалер да му се каже дека треба да дава голови…