По повод 50-годишнината од македонскиот анимиран филм, стартуваше проектот „Македонски анимиран филм 1971 – 1991“ преку пуштање во употреба на вебсајтот MACEDONIAN-ANIMATION.COM. Целта на проектот е да ја запознае македонската јавност со аниматорското творештво во 70-тите и 80-тите. Ова е прв проект кој до сега ја собира, разработува и документира оваа значајна тематика од македонската култура.
Прв ваков филм е направен пред речиси 50 години во 1971 година и се вика „Ембрио No. M“ на Петар Глигоровски. Глигоровски, заедно со Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов и Делчо Михајлов се генерацијата која ги поставува темелите на македонската анимација. Овие автори го достигнуваат својот зенит кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години – создавајќи извонредни филмови кои имаат учествувано и добиено значајни признанија на големи светски фестивали. Филмовите главно се продуцирани од Вардар Филм, институција во која креативноста и ентузијазмот на авторите, нивниот уникатен израз и идеја за анимиран филм се спојуваат со филмското знаење и искуство.
Заради пандемијата избран е онлајн начинот на претставување на филмовите, а освен на веб страната содржините ќе бидат промовирани и достапни на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер и Инстаграм, во текот на целата 2021 година. Во иднина, кога условите ќе го дозволат тоа – планирана е изложба, публикација, како и ревија на анимираните филмови.