Арсовска им порача на приватните превозници на суд да си ги бараат парите

Порака на суд да ги бараат парите за кои тврдат дека им ги должи ЈСП „Скопје“ денеска на приватните автобуски превозници им ја упати скопската градоначалничка Данела Арсовска. На седницата на Советот на Град Скопје на којашто се расправа и за овој проблем Арсовска најави дека ќе има нов јавен повик за приватен автобуски превоз.

-Си има суд и таму преку тужба ќе се докажува кој кому му должи. Ние немаме опомена од приватните превозници, ниту тужба, затоа не сакам да се маниупулира. Го поддржувам правото на протест со одлуката на приватните автобуски превозници да блокираат улици но штета најмногу трпат граѓаните, рече Арсовска.

Таа додаде дека ЈСП „Скопје“ во моментов работи и се обидува да даде што е можно поквалитетна услуга.

– ЈСП „Скопје“ на почетокот на мандатот работеше со 140 исправни автобуси, во овие 12 месеци се ставија во функција дополнитеен број на автобуси и сега има 270 автобуси кои се исправни. Доколку некој решил да го опструира јавниот интерес нека му служи на чест. Си има договорни обврски, а некој не ги почитува. Некој престана да вози во интерес на граѓаните и со тоа договорите се раскинати. Ќе си има нов јавен повик на кој сите оние кои ги исполнуваат критериумите ќе можат да се пријават и ќе можат да ја остваруваат својата дејност чесно, најави Арсовска.

Директорот на ЈСП Александар Стојковски рече дека долговите кон приватните превозници се подмирени.

-Нивните фактури од 1 јуни наваму се исплатени. Догот кон нив што го има ЈСП е тековно побарување и ако сметаат дека роковите се пробиени може да поднесат тужба, рече тој.

Приватните превозници утрово ја блокираа крстосницата кај трговскиот центар „Мавровка“ во центарот на Скопје. Тие тврдат дека Градот Скопје не им го плаќа долгот од 1,5 милион евра. Најавија дека блокадите ќе продолжат и во наредните денови на повеќе крстосници, се додека не се седне на маса и не се реши проблемот. Приватните автобуси престанаа да возат бидејќи ЈСП и Град Скопје не им исплаќаат пари за тоа што возат секој ден.

– Овој протест е поради долгот што ни го направи ЈСП со неплаќање на средствата кои што за неколку дена ќе достигнат 2 милиона евра. Овој протест е директна последица. Немањето слух да не прими градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и поради долгот на ЈСП кон нас, доведени сме во ситуација да немаме средства да однесеме храна на семејствата. Во оваа прилика им се извинувам на граѓаните на Скопје поради гужвата и хаосот кој настана, изјави претставникот на возачите Ќемал Муриќ.

Претходна вестУкраинец и Унгарец уапсени на Прешево-Табановце со 268.000 евра
Следна вестЛукаревска: Ќе се стеснува листата на добра и услуги со повластени даночни стапки