Бислимовски: Манипулациите на општините може да ја поскапат струјата за граѓаните за десет отсто

Манипулациите кои дел од општините во земјава ги правеа во екот на енергетската криза за набавка на електрична енергија по повластена тарифа, може да ја зголемат цената на струјата за граѓаните десет отсто, предупреди денеска првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.

Тој рече дека верува дека Електродистрибуција ќе објави кои се тие општини.

-Со тоа граѓаните да знаат дека општините во државата не се грижат за нив, измислуваат разно разни финти за да се вратат назад на регулираниот пазар на електрична енергија и заради тоа, само за првите четири месеци имаме трошок од 30 милиони евра, рече Бислимоски, одговарајќи на новинарско прашање по Тркалезната маса на тема „Преку праведна енергетска транзиција до одржлив раст и развој“ ќе се одржи во Скопје, во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“.

Бислимоски нагласи дека тој трошок од 30 милиони евра значи 10 отсто зголемување на цената на електричната енергија за граѓаните.

-Тој трошок Регулаторната комисија за енергетика сега ќе го префрли назад кај сите тие општини. Ниту на крај на памет не ми е повторно тој трошок да го преземе Регулаторната комисија за енергетика, рече Бислимоски.

Во овие 10 отсто не се пресметани трошоците кои ги доставуваат до РКЕ енергетските компании и чинењето на електричната енергија од ЕСМ од што и најмногу зависи крајната цена за граѓаните. Единствен спас за голем пораст на крајната цена ќе биде ЕСМ да обезбеди 100 отсто од потребите на ЕВН.

Дел од компаниите доставиле до РКЕ пресметки за нивните трошоци, а таков документ се чека уште од МЕПСО.

Претходна вестАктивни 582 случаи на Ковид – 19
Следна вестНестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер