Четири деца во Колумбија се пронајдени живи на југот на земјата повеќе од пет недели откако авионот со кој патуваа се урна во густа џунгла, изјави вчера колумбискиот претседател Густаво Петро. Децата биле спасени од војската во близина на границата меѓу колумбиските провинции Какета и Гуавијаре, во близина на местото каде што се урнал малиот авион.
-Радост за целата земја! Четири деца кои исчезнаа и беа изгубени во колумбиската џунгла се пронајдени живи, објави Петро преку Твитер.
Малиот авион Цесна 206 превезувал седум лица на патот меѓу Аракуара, државата Амазонас и Сан Хозе дел Гуавиаре, град во државата Гуавијаре, но пријавил аларм за дефект на моторот во раните утрински часови на 1 мај.
Тројцата возрасни лица, меѓу кои и пилотот, загинале како последица на падот, а нивните тела биле пронајдени во авионот. Падот го преживеале четири деца на возраст од 13, 9 и 4 години, како и едно 11 месечно бебе.
Првичните информации од Управата за цивилно воздухопловство, која ги координирала напорите за спасување, сугерираат дека децата избегале од авионот и се упатиле во прашумата за да побараат помош.
Спасувачките тимови, со поддршка на кучиња трагачи, претходно пронашле фрлено овошје, кое наводно децата го јаделе и импровизирани засолништа направени од вегетација од џунгла.
Во извонреден подвиг на издржливост, децата преживеаја силни бури во еден од најнегостопримливите делови на земјата, дом на грабливи животни и вооружени групи.
-Тие ни дадоа пример за целосен опстанок кој ќе остане запишан во историјата, рече Петро
Четирите браќа и сестри беа од домородните заедници Хуито. Иако неухрането, ниту едно од децата не беше во тешка состојба, дури и најмалото дете, кое својот прв роденден го помина во џунгла.
-Се смета дека тие преживеале јадејќи комплети храна за преживување, фрлени во џунглата од страна на тимот за пребарување, но образованието што го добиле од нивната баба, исто така, можеби било од витално значење. Тие го искористиле знаењето што го стекнале во заедницата, знаењето на предците, за да преживеат, рече Џон Морено, домороден водач од блискиот Ваупес.
Во деновите што следеа се појави трошка надеж. На околу 500 метри од местото на несреќата, тимовите за пребарување пронајдоа стапалки, џвакано овошје и користени пелени. Спасувачките напори, наречени Операција „Надеж“, беа брзо засилени, на крајот опфатија 150 војници и 200 волонтери од локалните домородни заедници, како и тим од 10 белгиски овчарски кучиња, на површина од над 323 квадратни километри. Продолжува потрагата по Вилсон, едно од кучињата, кое исчезнало за време на операцијата. Тимот за пребарување изврши повеќекратни обиди од воздух, прикачувајќи звучник со долг дострел на хеликоптер на кој пуштија порака од бабата на децата, на јазикот Хуито, во која им кажа дека потрагата е во тек и да останат таму каде што се.
Околу 17 часот во петокот, армиското радио затресе со извици „Чудо! Чудо! Чудо! Чудо!“ Група од 10 војници и осум домородни доброволци открија траги и ги следеа до местото каде што децата беа на чистинка. Децата прво ги пронашло едно од кучињата спасувачи кои војниците ги однеле во џунглата.




