Големата дупка го затвори патот Каменица – Делчево, санацијата до вторник

Големата дупка настаната со пропаѓањето на коловозот е причина за затворањето на патот меѓу Македонска Каменица и Делчево. Екипи на ЈП „Македонија пат“ веќе работат на санација на оштетувањето на коловозот на магистралниот пат А3 настанато од обилните врнежи кои деновиве го зафатија Делчево и регионот.

Директорот на „Македонија пат“ Костадин Ацевски информира дека во текот на денешниот ден штетата ќе биде санирана, а најдоцна до вторник патот ќе биде пуштен во употреба.

-Веднаш по штетите кои настанаа на магистралата А3 која го поврзува Делчево со Македонска Каменица екипи на „Македонија пат“ работат на санација на штетите на патот кои се настанати од надојдената вода. Патот ќе биде саниран и по извршување на целосното санирање ќе биде пуштен во вторник, објави  Ацевски на Фејсбук

Ацевски нагласи дека поради невремето се уште има одрони на останатиот дел од магистралата и патот кој води од Делчево кон Македонска Каменица кои благовремено се санираат.

-Има одрони кои ги решаваме тековно, големите одрони беа решени. Екипите постојано се на терен и работат на решавање на последиците, додаде Ацевски.

Сообраќајот се пренасочува преку алтернативниот патен правец Делчево – Берово – Смојмирово – Виница.

На учесниците во сообраќајот им се препорачува внимателно управување со возилата, прилагодување на брзината спрема условите на патот и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

 

Претходна вестЧетирите деца од авионската несреќа во Колумбија најдени живи по 40 дена во џунглата во Амазон
Следна вестОграбил девојче откако и се заканил со нож, полицијата го уапси