Да сум градоначалник на Скопје, на местото на касарната „Илинден“ би направил парк-шума

Јане Даневски, архитект по професија, одговара на прашањето на „Скопско Ехо“ кои три работи би ги направил ако тој е градоначалник на Скопје…

1. Нови бели дробови за градот

На градот му се потребни нови зелени површини, но онакви во кои ќе има високостеблесто зеленило, по можност иглолисно. На местото на постоечката касарна „Илинден“ јас би направил нова парк – шума, налик на онаа во Гази Баба. Освежувањето на уништените улични дрвореди секако треба да биде дел од овој потфат. А секоја новопроектирана и реконструирана улица треба да биде збогатена со нови липи, костени, брези итн.

2. Чешми со питка вода

На скопјаните, млади и стари им се потребни чешми за разладување и освежување, со питка вода, особено во топлите летни денови. Порано ги имаше на секоја втора раскрсница, но сега веќе не. Потребни се нови чешмички на старите локации и дополнување на мрежата со нови на фреквентни локации. Дизајнерски, функционални и секако лесно одржливи.

3. Алтернативен јавен транспорт

Едукација и финансиска стимулација на граѓаните да го користат велосипедот како транспортно сретство во своето секојдневие. Нови Сад, Загреб, Љубљана се само дел од градовите каде жителите ги уживаат добрите страни на ова транспортно сретство. Скопјани треба да излезат од помодарската шема на возење увезени коли на дизел гориво и да се препустат на забавата и економичноста која  велосипедот ги нуди.