Дали покрај корона кризата сега Македонија ќе страда и од политичка криза?

Не сме се справиле со корона кризата, а сега Македонија се чини ќе страда и од политичка криза. Ова е главната тема меѓу граѓаните откако синоќа лидерите на двете најголеми партии Зоран Заев и Христијан Мицкоски не постигнаа договор за датум за одржување на предвремените парламентарни избори.

Проблемот станува се поголем ако се знае дека претседателот Стево Пендаровски вчера истакна дека нема причина да ја продолжи вонредната состојба која ја воведе заради ситуацијата со епидемијата во Македонија. Вториот бран од заразата е многу силен, се чини и уште долго ќе трае, но тој смета дека вонредната состојба веќе не е нужна.

И наместо размрсување на предизборниот јазол, како што посочија од кабинетот на Пендаровски, каде се одржуваше средбата на Мицковски и Заев, било договорено лидерите да ја продолжат комуникацијата околу датумот за избори. До кога ќе продолжи таа „комуникација“? Македонија е полна со проблеми, не можат еднаш да бидат партиите над политиканството?

Пендаровски вчера кажа дека е можно и да ја преиначи одлуката за вонредната состојба и таа да биде продолжена уште неколку дена со цел да се дојде до меѓупартиски консензус за терминот на изборите. Тоа е добро, но и Претседателот треба пореално и поенергично да реагира, треба освен за изборниот датум – да размислува и за моменталната здравствена ситуација во Македонија.

Поголема сериозност се очекува и од техничкиот премиер Оливер Спасовски кој истакна дека датумот за изборите е завршена тема за Владата. Ултиматумите во ваква ситуација не се најсоодветниот начин на решавање на сложената ситуација.

На Македонија не и треба тешка политичка криза во време на нерешена здравствена криза. На Македонија и треба политичари кои не тераат според инаетот, суетата и партиските потреби.

Претходна вестКонкурсот за најдобар необјавен роман трае до понеделник
Следна вестПоследните десет дена починаа 30 заболени од Ковид – 19