Директорот на охридската болница објаснува: Секретарот Наумоски се вакцинираше бидејќи влегува во ковид-одделот

Секретарот на охридската болница Антонио Наумоски ја примил вакцината против корона вирусот бидејќи активно помага во одделот со ковид-пациенти и ако има одговорност за тоа јас ја прифаќам, објасни денеска директорот на оваа здравствена установа Горан Балески. По бурните реакции во јавноста зошто било дозволено да се вакцинира лице кое е правник и не е во првата група на здравствени работници кои можат да се вакцинираат Балески наведе дека секретарот е активно вклучен во болничките активности против Ковид-19.

-Тој иако не е здраствени работник, бил секогаш на првата борбена линија, помагал во сите одделенија на болницата кои се адаптирани во ковид-центри. Бил ставен на списокот откако отпаднеле здравствени работници кои биле позитивни на вирусот. Тој организира се, влегува во сите ковид-оддели, носи и боци со кислород. Можеби требаше подоцна да прими вакцина со друга група но поради то ашто имавме позитивни откако го дадовме списокот, го додадовме и неговото име. Ние имавме здравствен кадар кој заболе и имаше антитела и не се вакцинираше, не го зел местото на ниеден здравствен работник, објасни Балески.

Секретарот на болницата Антонио Наумоски, пак, за медиумите изјави дека не очекувал такви реакции во јавноста.

-Примањето на вакцината беше во Скопје и голем број се откажаа доброволно заради трошокот за транспорт. Други доктори беа позитивни и имаа антитела, други беа болни од ковид во моментот. Бројката е минимална и едвај го пополнивме списокот. Само бев прашан од службите дали сакаш да примиш вакцина и одговорив потврдно. Цело време сум со лекарите. Цела 2020 година не сум зел еден слободен ден, рече Наумоски.

Министерот за здравство Венко Филипче синоќа преку статус на Фејсбук ова го оцени како „злоупотреба при процесот на вакцинација“.

-Силно ја осудувам злоупотребата при процесот на вакцинирање! Во овој момент клучно е да се вакцинираат приоритетните групи на граѓани, а поради тоа е изготвен и самиот Национален план за вакцинација. Ќе се ревидираат листите на вакцинирани и секој што ја злоупотребил својата позиција или контакт ќе биде соодветно санкциониран, порача Филипче.

Претходна вестВо Србија повеќе од 2.500 новозаразени, починаа 16 пациенти
Следна вестВо кафеана во Бутел тепачка и пукање, нема повредени