Градот измерил најмалку загаденост во јануари; Скопјани: каде живее градоначалникот, во Лазарополе?

Град Скопје измерил дека јануари месец оваа година Скопје бил најмалку загаден град откако постојат т.н. мерни станици, односно од 2015 година наваму.

-Податоците од државните мерни станици во Скопје за изминатиот месец покажуваат дека скопјани дишеле најмалку загаден воздух во споредба со истиот месец во последните седум години, анализата на концентрациите на ПМ10 честички во Скопје во јануари (од 2015 до 2021) покажува на охрабрувачки трендови по сите статистички показатели, велат од Градот за дел од медиумите.

Со ваква статистика Градот излезе откако О2 иницијативата и слични други еко-здруженија изминатиот период непрестајно критикуваа дека загадувањето не само што не се намалува последните 3 години, туку и е за 30 проценти поголемо. И не само тоа. Гласно реагираа заради фактот што минимални средства предвиде државата за борбата против загадувањето.

Стандардите за квалитет на воздухот и здравјето на ЕУ наведуваат дека дозволената концентрација на ПМ10 честички во воздухот не смее да надмине 40 микрограми на годишни ниво, односно 50 микрограми во период од 24 часа. Дозволеното надминување на оваа граница во рамките на 24 часа е 35 микрограми, односно севкупно 85 микрограми. А само завчера по полноќ, беа измерени ненормално високи концентрации на канцерогени честички на метар кубен. Па така, најзагадено е вообичаено кај Лисиче со 331 ПМ 10 честички.

На крајот на денот и граѓаните секојдневно објавуваат видеа од смогот чии честички, заради фактот што се присутни во најнедозволени количини, веќе се гледаат и со голо око.

-Јануари? Најмалку бил загаден? Па, каде живее градоначалникот Петре Шилегов? Во Лазарополе можеби?!

-Вие навистина мислите дека овој народ пие нафта наместо вода, вие ги изгубивте сите параметри и принципи за одговорно менаџирање!

-Да викнеме славје? Ако јануари бил најмалку загаден? Бидејќи до 2015 ВМРО ДПМНЕ ви истураше магла и смог, кои вие сега ги собравте?- коментираат скопјани на социјалните мрежи.

Да се надеваме дека Град Скопје посериозно ќе почне да се бори против загадувањето.

Претходна вестПолицајка обезбедувала место на сообраќајка, ја удрила кола
Следна вестКонцерт на бугарскиот пијанист Евгениј Генчев, во вторник во Филхармонија