Џафери има објаснување зошто пред избори се набавуваат скапи лимузини

Министер без лимузина некако не го личи. Може поради тоа Владата и распиша тендер за набавка на 45 нови возила. Не беше пречка ниту тоа што сега е предизборие.

Техничкиот премиер Талат Џафери има објаснување зошто се распишал тендерот баш сега.

-Набавката на службените автомобили на лизинг е пракса со години и соодветните анализи покажале дека трошоците со лизингот се помали, изјави Џафери и додаде дека „За периодот на лизинг колку што трае, гаранцијата и одржувањето е на давателот на услугата, а не на побарувачот. Во тој контекст, по пет години, ако останат во институцијата, одржувањето би било поскапо. Оттука лизингот би требало да е поевтино решение имајќи превид дека нема последователно во одржувањето да се трошат средства“.

Прашан за периодот на набавка, односно дека постапката се случува во предизборието, Џафери објасни дека тоа зависи од моментот на заменливоста. Претходните договори, вели Џафери, се поврзани или за времетраење или со поминати километри.

За потсетување: СОЗР овој пат бара целосно нови 45 дизел-возила (лимузини) од минимум 2.000 кубни метри моторна зафатнина. Отворањето на понудите ќе биде по електронски пат на 27 март. Понудата нема да биде прифатлива доколку има „невообичаено ниска цена“.

По истекот на тригодишниот договор, операторот ќе си ги врати за себе автомобилите, но во текот на тригодишниот договор ќе биде должен да обезбедува сервис, осигурување, регистрација, промена на пневматици, зелен картон, пренос на дефектно возило за репрезентативните автомобили.

Во претходниот тригодишен циклус Владата набави 45 луксузни возила „шкода суперб“, со погон на четири тркала, во вредност од 1,5 милион евра, без ДДВ. Месечниот лизинг за едно возило, според договорот, изнесуваше 60 илјади денари со вклучен ДДВ, а вкупната цена на едно возило достигнуваше околу 40 илјади евра. И овој пат е предвидена километража од 120.000 километри за тригодишниот период од возило.

ПС. Зошто не се почека со набавката, па потоа да се земат електрични возила направени во Тетово (за кои многу зборуваа и се фалеа токму во Владата), не беше објаснето.

 

 

Претходна вестГостиварец платил 1.600 евра за возачка без да полага, но останал и без пари и без дозвола
Следна вестПотребна ни е нова стратегија за безбедноста во сообраќајот