ЕУ ги отвора границите за 15 држави, но не и за Македонија

Македонските државјани нема да можат да патуваат во земјите на Европската унија бидејќи нашата земја не ги исполнува епидемиолошките критериуми врзани за корона вирусот. Државната новинска агенција МИА јави дека ова произлегува од одлуката која денеска ја донел Советот на ЕУ, а која се однесува на утрешното отворање на границите на ЕУ по затворањето предизвикано со пандемијата на корона вирусот.

И покрај препораката на Европската комисија да им се даде зелено светло на сите земји од Западниот Балкан за влез во ЕУ од 1 јули, земјите членки се согласија да дозволат постепено укинување на рестрикциите само за граѓаните на Србија и Црна Гора. Зелено светло добија и Алжир, Австралија, Канада, Грузија, Јапонија, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Северна Кореа, Тајланд, Тунис и Уругвај.

Списокот на земји ќе се ревидира секои две недели врз основа на епидемиолошката состојба во секоја од нив.

Критериумите врз кои се донесе оваа одлука се епидемиолошката состојба, мерките на заштита како физичката дистанција, како и економски и социјални параметри, објаснуваат од Советот на ЕУ.

За да добие право да патува во ЕУ, епидемиолошката состојба на една земја треба да исполнува три критериуми: бројот на нови случаи на Ковид-19 во последните 14 дена на 100 илјади граѓани да биде сличен или помал од ЕУ просекот; земјата да покажува намалување или стабилизација на кривата во последните 14 дена, и третиот услов е начинот на кој земјата се справува со Ковид-19 во смисла на достапните информации и нивната веродостојност, тестирањето, следењето на контактите, како и третманот.

Претходна вестОд 10 скопски општини во 9 има повеќе од 100 активни случаи на вирусот, најмногу во Чаир – 435
Следна вестТовариле 9 грла крупен добиток и наместо да му платат – дале паричник полн со хартија