Ги облекоа палмите кои не смрзнаа, имаше ли злоупотреби во нивната набавка?

Во Скопје и покрај смрзнувачките зими опстанаа неколку палми од многуте кои беа посадени во 2015 година. Повеќето измрзнаа и одамна завршија во депонија, но некои останаа да не потсетуваат на тоа време кога се мислеше дека палмите се дрвјата кои му недостасуваат на главниот град на Македонија.

Со цел и преостанатите да не измрзнат сега со најлони и јутена обвивка од силниот студ се заштитуваат палмите на кејот на Вардар во централното подрачје на Скопје.

-Деновиве нашите екипи превентивно ги заштитуваа крошните на палмите на кејот на Вардар поради најавата за уште пониски минусни температури, се наведува во објавата на оваа градско јавно претпријатие.

Добро е што новото градско раководство се сети на десетината палми, да се надеваме дека ова ќе им помогне да ги преживеат големите студови.

Инаку, Најголемиот дел од посадените палми се исушија во изминативе зими. Пред седум години во централното градско и други подрачја беа засадени вкупно 138 палми. Тие беа дел од проектот на „Македонски шуми“ кога со набавката вредна милион евра низ цела Македонија беа засадени 1.100 палми и покрај укажувањата дека македонското поднебје не им погодува.

Ваквата јавна набавка тогаш повлече и сомнежи за постоење на финаннсиска злоупотреба. Се покрена и истрага но нејзиниот епилог и по четири години се уште не е познат. Минатата година директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми изјави дека за предмет е поднесена кривична пријава до Обвинителство во 2018 година, Управата утврдила дека буџетот бил оштетен за речиси половина милион евра при набавката на над илјада палми чија реална вредност не била поголема од сто илјади евра. Но, и по три години откако е поднесена пријава, од Обвинителството молк. Дали сега ќе се чека пролет за да се соопшти нешто останува да се види. Или можеби се чека да се исушат сите палми?

Претходна вестВрти – сучи, сепак на историската Комисија и дадоа најмногу задачи
Следна вестЗдивени возачи летале по патиштата, ќе ги скроти ли полицијата?