Врти – сучи, сепак на историската Комисија и дадоа најмногу задачи

Нов ентузијазам, нов режим, динамика, конструктивност, повеќе средби, резултати… Сето ова вчера се најави како промена во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски прашања по средбата на премиерите на двете држави Димитар Ковачевски и Кирил Петков. Се отиде и уште повеќе – се кажаа и колку термини и во кој временски период ќе заседаваат историчарите. Зарем до сега не се нагласуваше дека политичарите ќе се понастрана од работата на Комисијата?

-Кога секоја од групите ги презентираше резултатите кои треба да ги постигнат и задачите, кај историската комисија ние со Димитар забележавме друго ниво на ентузијазам за работа и определување на нов режим за работа. Тоа што ќе имаме три официјални средби за следните четири месеци, плус многу интензивна работа меѓу тие средби, дава друг ритам на работата што треба да се заврши. Професорите од двете страни кажаа дека се подготвени овој нов начин на работа да се претвори во конструктивен тон. Ние нема да правиме кадровски промени, но тоа што ме израдува е дека Историската комисија е една од работните групи која ќе работи во контруктивен тон и достигнување на реални резултати, изјави вчера Петков.

Впечатокот кој се доби е дека во наредниве шест месеци може да се очекуваат и конкретни резултати и договори во Комисијата. А во праксата таа веќе со години не може да постигне согласност за важните историски настани и личности за двете земји. Од каде таа надеж дека сега ќе се работело конструктивно, дали веќе нешто е договорено, дали политиката ќе инсистира на брзи решенија без оглед на историските позиции?

До сега, работа на Комисијата беше парализирана заради тврдите ставови на бугарските историчари дека македонскиот идентитет има бугарски корени. Поради таа закоченост се најавуваше дека прво треба да дојде до релаксирање на односите на Македонија и Бугарија во другите области, а дури потоа на ред да дојдат тешките историски прашања. Но, сега излегува дека пак на расправата околу историјата и се дава засилена динамика. 

Што се крие зад овој оптимизам на двајцата премиери останува да се види. Бугарскиот премиер дури и отворено кажа дека тие немаат намера да менуваат некој од своите членови во Комисијата. Со тоа, сите нивни историчари кои досега имаа непопустливи позиции остануваат и натаму како преговарачи. Македонската страна, пак, досега смени двајца членови, а сега треба да се избере и наследник на историчарот Ванчо Ѓорѓиев кој се повлече поради политичките притисоци. Професорот по историја на скопскито Филозофски факултет Александар Атанасовски во неодамнешното интервју за „Скопско ехо“ предупреди дека нашиот дел од Комисијата не е добро екипиран.

-Од наша страна има членови за античката и нововековната историја. За средновековната и најновата историја немаше и сега нема претставници. Исто така, од Институтот за историја при Филозофски факултет како член беше само проф. Ѓорѓиев, останатите членови се од ИНИ, укажа тој.

Но, премиерите, односно, политичарите најавуваат нови средби, нови динамики и резултати… Не се најави само поголема транспарентност што се договара. 

Претходна вестРекорден број новозаболени во Бугарија
Следна вестГи облекоа палмите кои не смрзнаа, имаше ли злоупотреби во нивната набавка?