Град Скопје зеде кредит од 70 милиони евра за изградба на брз автобуски превоз

Скопје доби најново ветување дека изведба на БРТ-системот за брз автобуски превоз во градот ќе стане реалност. Порано беше ветуван и трамвај, но овој пат е нешто поконкретно и денеска со потпишување на договор за заем меѓу Град Скопје, Министерството за финансии и Европската банка за обнова и развој почнува постапката за изведба на системот.

За градоначалникот на Скопје со ова се обезбедува безбеден и одржлив јавен транспорт кој ќе овозможи директно намалување на сообраќајниот метеж.

-Горди сме што Скопје е првиот град на Балканот кој ќе воведе БРТ-систем, што не е само успех за градот, туку е успех и за целата наша држава. Скопје добива брз, безбеден и одржлив јавен транспорт кој ќе биде доволно атрактивен и ќе овозможи директно намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа индиректно ќе се намали и аерозагадувањето во делот на сообраќајот. Подигнувањето на брзината и достапноста на јавниот транспорт несомнено ќе значи и зголемување на бројот на патници кои го користат јавниот транспорт во Скопје, истакна Шилегов.

Екипи на Градот Скопје и на ЈСП досега работеле на подготовка на техничката документација за овој систем. Проектот опфаќа воспоставување две линии со коридори кои се резервирани само за автобусите од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода.

Се најавува дека ќе се зголеми фреквенцијата на автобуси на секои 3-4 минути. Времето потребно едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче или обратно ќе биде 35 минути.

Автобусите од БРТ-системот ќе бидат со хибриден погон на гас и електрична енергија и со должина од 18 метри.

За реализација на овој проект Европската банка за обнова и развој ќе додели заем од 70 милиони евра. Тендерот за јавна набавка за првата фаза се очекува да биде распишан ова лето, а најдоцна до 2024-2025 година новиот систем за брз автобуски превоз би се пуштил во употреба.

 

Претходна вестОд утре и сметководителите на протест
Следна вестЗа два дена „потрошени“ субвенциите за електрични тротинети