„Градски паркинг“ жнее пари со „пајаците“, а што сее?

Јавното претпријатие „Градски паркинг“ вчера се пофали со учинокот во изминатава недела со кој тие со своите „пајаци“ подигнале вкупно 239 непрописно паркирани возила од јавни површини. Тоа значи дека во касата на претпријатието се слеале околу 10.000 евра по основ на казните кои изнесуваат 2.500 денари за кревање на возилото. Кога се знае дека речиси секоја недела е толкави учинокот на „пајаците“ јасно станува дека приходите од ова, но и од редовните десетина паркиралишта со кои стопанисува ова претпријатие не се мали туку завидни.

Пред две години, во 2018 година, во касата им се слеале околу 2,3 милиони евра како приходи. Годинава, заради кризата со короноа вирусот, полициски часови и ограничени движење на граѓаните со автомобилите, приходите се помали, но новата нормалност покажува дека во овој период приходите од „пајаците“ и паркириралиштата се враќаат на стари патеки.

И добро, еве се фалат со тој дел од сработеното, но само тоа им е работата? Чија обврска е да се одржуваат паркинзите? Дали приходите во претпријатието се користат за доброто на граѓаните? Дали со нив се отвораат нови паркиралишта, се осовременуваат постоечките, дали се добро одржуваат, дали се прават проекти паркирањето да стане попривлечно за скопјани и слично?

Нови информации за унапоредувањето и за тековното работење нема ниту на нивна официјална веб-страница, за разлика од другите градски претпријатија. Така, останува неизвесно како се употребуваат приходите. Или, со нив се покриваат вишоци на вработените. Колку за потсетување, пред две години градоначалникот Петре Шилегов го спомна „Градски паркинг“ како пример на градско претпријатие во кое има отповеќе вработени. Рече дека она околу 260 и дека половина се вишок. Но, оттогаш ништо не се слушна околу тоа. Да не излезе дека грижата за ова претпријатие и јавноста во неговото работење се паркирани во некој ќош.

Претходна вестНАТО ни донира 60 респиратори за лекување на заболените од вирусот
Следна вестОд денеска до недела пчеларски саем на плоштад „Македонија”