Херој кого не го прогласија за херој: Димката Ангелов-Габерот загина штитејќи другар партизан при бугарска заседа

Пештера болен Габерот лежи, треска го тресе русата глава, неарно писмо курирот му даде…“, гласат почетните стихови за Димката Ангелов – Габерот, македонски партизан од Тиквешијата, кој херојски загина на денешен ден пред 80 години, на 10-ти јуни 1943 година во текот на НОБ.

Беше јуни 1943 година кога тогашните бугарски фашисти и окупатори ја започнаа десетдневната офанзива до Тиквешијата за да ги уништат македонските партизански воени единици. Токму тие денови Габерот се разболел од треска, и три дена лежел во една пештера во атарот на с. Галиште, за да не го најдат фашистите. Но собрал сили и одлучил да тргне кон планината Вишешница, за да се спои со партизанскиот одред. Во групата со него биле и четворица други македонски партизани – Ило Виларов-Сокол, Јован Радњански-Планински, Пано Мударов-Фрањо и  Стојан Крстев. Тогаш, на 10 јуни 1943, во месноста Клинска леса, при преминувањето на Црна река, младите Македонци налетуваат на бугарска заседа по што започнала нерамноправна престрелка со фашистите. Тројца партизани се смртно погодени, а Габерот иако тешко ранет останал жив, и му викнал на соборецот Планински да бега, а тој останал да го штити. Диме продолжил да го штити Планински кој успеал да се извлече, а откако останал без муниција, си пука во слепоочницата и не дозволува да падне жив во рацете на бугарските фашисти. Единствен кој ќе се спасил од заседата е Јован Радњански – Планински, кој подоцна во своите мемоари ќе ја опише херојската смрт на Габерот.

Таква е приказната за овој херој роден на 17 Октомври 1916 во Ваташа, Кавадаречко, во виорот на Првата светска војна. Тој потекнува од револуционерно семејство во кое татко му Ташо Ангелов бил учесник во Илинденското востание.

Габерот ги поминува детството и младоста во време кога Вардарскиот дел на Македонија е под српска окупација во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (Кралство СХС), во кое Македонците не биле признаени како посебен народ, и немале право да учат на свој мајчин јазик. Кај Габерот рано се будат револуцинерните идеи, и во тоа време другарува со револуционерите од Тиквешијата – Страшо Пинџур, Илија Чулев, Тошо Велков Пепето…

Во 1936 година, на плоштадот во Кавадарци, Габерот држи говор пред народот во кој ја нападнал српската окупаторската политика на владата на Кралството СХС. Заради тоа долго време останува без работа. Во пролетта 1937 година е уапсен заедно со поголема група Македонци и одлежува три месеци затвор во Велес. Потоа, во 1939 работи како учител во Радња, едно од најоддалечените села во Тиквешијата. Како учител бил почитуван и омилен кај учениците и жителите од селото. Со младинците од селата Бохула, Чемерско и Радња организира и раководи курсеви за ракување со оружје. Поради неговиот бурен темперамент во средината на јануари 1941, непосредно пред разгорувањето на Втората светска војна е интерниран и затворен во логорот Ивањица во Србија, заедно со поголема група младинци од Кавадарци. Но, во април 1941 во Србија започнува Втората светска војна, и логорот е растурен а Габерот се враќа во Македонија каде во родниот крај Габерот веднаш ќе се вклучи во отпорот против новите окупатори – Бугарите.

 Храброста во НОБ ја покажал неброено пати, како и со своето херојско загинување.

Долго време по ослободувањето, жителите од селата во Тиквешијата се сеќавале и зборувале за пламените говори кои Габерот ги држел пред нив, со кои кај нив го будел македонскиот револуционерен дух. А меѓу народот, по загинувањето на Габерот, и по крајот на војната, останаа многу дилеми, меѓу кои секако онаа која и ден денес е актуелна во јавноста во целиот Тиквешки крај: “Зошто Димката Ангелов Габерот не беше прогласен за Народен херој“? Дури и Ташо Ангелов, таткото на Габерот, во 1966 година напишал и писмо до тогашниот југословенски водач Јосип Броз Тито во кое го прашал зошто неговиот син не е прогласен за Народен херој?

Претходна вестПроменливо облачно, попладне локален пороен дожд
Следна вестМлада жена падна од 6-ти спрат во Бутел