Ковачевски: Добро е што опозицијата поддржува уставни измени

Сите можевме да се увериме дека после средбата во изјава дадена за медиумите која што сите можеа да ја проследат, ВМРО–ДПМНЕ го промени својот став и поддржува уставни измени кои што уставни измени значат вклучување на други народи во Преамбулата на нашиот Устав, вклучително и на делови од бугарскиот народ. И тоа е промена на позицијата која што ВМРО–ДПМНЕ ја имаше, изјави синоќа премиерот Димитар Ковачевски.

Во интервјуто за емисијата „360 степени“ тој рече дека сметал дека треба да се понуди едно широко обединување на политичката сцена.

-Процесот на евроинтеграции е широк, за сите граѓани, и затоа понудив ВМРО-ДПМНЕ да е дел од Владата – прво да го отвориме Уставот со две третини, ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата, и тоа 50 проценти од министерските места што ги има СДСМ да ги отстапи на ВМРО-ДПМНЕ. Сметам дека тоа е најфер, братски, пола-пола, за да може да види народот дека се работи за искрена намера, рече тој.

Премиерот смета дека со овие одлуки ќе се овозможи земјата да го продолжи европскиот пат.

-Тие го сменија својот став и дури со оглед на тоа дека процедурата го овозможува тоа, уставните промени што ќе се направат да важат од моментот на одржување на втората меѓувладина седница, кажа Ковачевски.

Прашан за разликата во ставовите меѓу ВМРО-ДПМНЕ, од каде што бараат уставните измени да важат одложено – од приемот на земјава во ЕУ, и ДУИ – од каде што велат дека се подготвени да не бидат дел од владата откако ќе се изгласаат и ќе стапат на сила уставните измени, премиерот одговори дека најголемата разлика ја гледа во промената на реториката во ВМРО-ДПМНЕ во однос на „бугаризацијата“.

-Прво, најголема разлика беше, која веќе не постои, обвинувањето и реториката на ВМРО-ДПМНЕ дека се прави бугаризација, асимилација, дека се нарушува идентитетот и така натаму на македонскиот народ со внесувањето на деловите од бугарскиот народ во Преамбулата на нашиот Устав. Цела година, од почетокот на усвојувањето на францускиот предлог, беше таа реторика, за после лидерската средба сите да се уверат дека тоа веќе е променет став кој е јавно искажан и уште еднаш на телевизиско интервју на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со што веќе не постои, според ВМРО-ДПМНЕ, а никогаш не ни постоела таа опасност, рече Ковачевски.

Претходна вестМицкоски: Без европска интеграција и заштитен идентитет Уставни измени нема да има
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Клучното прашање е кој од двата предлози е прифатлив за СДСМ