И денеска нови цени: Дизелот стаса до 99,5 денари

Цената на дизелот од ноќеска на полноќ се зголемува 2 денари за литар, а на бензините останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Во соопштението се наведува дека со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,41 проценти во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени вчера.

Малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 107 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 109 додека пак цената на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е В) ќе се продава за 99,5 денари.

Цената на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) исто така останува, односно ќе се продава за 95,5 денари за литар. Исто така, малопродажната цена на Мазутот М-1 НС останува иста и таа изнесува 54,6 денари.

Како образложение за зголемувањето на цената дизел – горивото РКЕ наведе дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување. Кај бензините зголемувањето во просек е за 2,027 отсто или за 26,750 долари/тон, кај дизелот зголемување е во просек за 2,774 проценти или за 32,550 долари/тон, кај екстра лесното масло зголемување во просек за 2,650 отсто или за 30,100 долари/тон и кај мазутот зголемување во просек за околу 0,69 проценти или за 4,600 долари/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, во просек изнесува 57,6035 ден/долар и е за околу 0,101 отсто понизок од курсот на доларот (57,6619 ден/долар) по кој беа формирани цените со претходната пресметка, се наведува во образложението на РКЕ.

Инаку, претходната пресметка на РКЕ им беше вчера.