Водостојот на Преспанското езеро тргна надолу, следи ли ново исушување?

Нивото на водата во Преспанското езеро почна да се намалува. Ова го потврдуваат како мерењата, така и локалните мештани со кои денеска контактиравме и кои ни тврдат дека состојбата е се позагрижувачка. Управата за хидрометоролошки работи денеска соопшти дека нивото на водата во оваа, второ по големина во земјава, езеро се намалило за еден сантиметар во однос на вчерашните мерења. Но, она што загрижува е што нивото е значително пониско во однос на просечните нивоа мерени во јуни секоја година.

– Согласно последните мерења направени водостојот на Преспанското Езеро е за 1,86 метри понизок од повеќегодишниот просек за јуни, се наведува во информацијата на УХМР.

Намалувањето на нивото на водата или негово стагнирање не е невобичаена појава за овој период во годината во Преспанското езеро. Но, локалните жители ни велат дека загрижува тоа што тоа годинава започнално многу порано.

-Вообичаено, водостојот на водата во Преспанското езеро почнува да стагнира или да се намалува по 2 јуни, односно, по верскиот празник Свети Никола – летен. Но, сега, водата почна да се намалува од пред десетина дена. За последниве десет дена нивото е намалено за цели 10 сантиметри. Како секој ден да се намалува за по еден сантиметар, ни изјави денеска Митко Тасевски од Царев Двор.

Според него, ова е сигурен знак дека може да се очекува значително намалување на нивото на водата и во наредниот период.

-Лани и преклани, водата почна да се намалува по 2 јуни а ни се случи вистинско исушување. Тоа сега почна многу порано. Можете да замислите што ќе не очекува и каква опасност претстои во овој летен период за кој прогнозите велат дека ќе биде многу топол. Нешто треба да се преземе додека има уште време. За жал, не помогнаа ни снежните врнежи коишто ги имаше во зимскиот период, ни рече Тасевски.

За исушувањето на оваа езеро се алармира со години но надлежните малку што преземаат. Пред три години беше формирана комисија која ке се занимава со проблематиката но од тоа ништо исто како што е и со договорите со Грција и Албанија. Лани во јуни имаше состанок на претставниците на Македонија, Грција и Албанија на кој се договараа за начинот на кој ќе соработуваат во заштитата на заедничкото езеро. Министрите за животна средина изразија силна жеба, определија членови во заедничката група, од претставникот на ЕУ беше најавена и финансиска помош од 18 милиони евра, но се уште се чека на конкретни активности…Апсурд од посебен вид е тоа што меѓудржавен Договор за заштита на Паркот Преспа е потпишан уште во 2010 година, а досега е малку што сторено.

Фото/Архива

Претходна вестАлармантно: Повторно загина пешак на улица
Следна вестБитиќи: Одредени компании манипулираат со цените