Битиќи: Одредени компании манипулираат со цените

Дел од поскапувањата изминативе три дена по укинувањето на антикризните мерки се нереални, бидејќи одредени компании манипулираат со цените, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на саем за вработување и кариера во Гостивар тој рече дека соодветно треба да реагираат инспекциските служби.

-Некоректно, неетичко и неморално на одредени компании, особено кон зголемувањето на цените, набрзо ќе наиде на одговор од институциите. Не можеме да прифатиме цената да порасне за 24 часа за 20 отсто, кога производствената цена не може да порасне за 20 отсто за 24 часа. Сметам дека тоа е само една одредена манипулација која ја прават кон нашите граѓани и затоа секако соодветно треба да реагираат инспекциските служби, потенцира вицепремиерот.

Поскапувањата кои предизвикаа незадоволство кај граѓаните се случија пред три дена кога истекоа антикризните мерки со кои беше укинат данокот на додадена вредност на основните прехранбени продукти, и намалените акциза и ДДВ на горивата.

Битиќи најави дека ќе има антикризни мерки но тие нема да бидат сеопфатни.

-Мерките ќе бидат таргетирани за најзагрозени компании и целни групи. Во ребалансот на буџетот се предвидени 73 милиони евра за антикризни мерки и веднаш по усвојувањето на ребалансот на буџетот во Собранието тие ќе бидат донесени, најави вицепремиерот.

Претходна вестВодостојот на Преспанското езеро тргна надолу, следи ли ново исушување?
Следна вестМВР лани напишало околу 140 илјади казни, најмногу за сообраќајни прекршоци