И здружението на информатичари реагира со негодување на образовната реформа

Против сме укинувањето на претходно воведените теми од информатика во раната возраст на учениците во основното образование и треба да се прават напори информатиката да се изучува во континуитет од трето до деветто одделение, став е на Здружението на информатичарите во однос на предложениот Нацрт-концепт за промените во основното образование. Информатичарите сметаат дека треба да се работи и на особена промоција на името на предметот, како би се дал фокус и би се заинтересирале што повеќе ученици да ја изберат информатиката како нивна идна професија

-Главната критика е дека со новиот концепт кој што е изложен, наместо да се оди во насока на зајакнување на условите за реализација на воведените информатички содржини (преку обуки на наставниците, набавка на соодветен хардвер и софтвер, изнаоѓање на креативни решенија за задржување на информатичарите во образованието) се оди неколку чекори наназад и се брише и тоа што претходно е постигнато. Исто така, насловот на предметот „Техника, технологија и информатика“ спојува многу различни, во делови и несродни области, и е неразбирливо вклучен во таканаречена група Б задолжителни предмети, без да се земе предвид дека информатиката е дел од СТЕМ образованието, се наведува во соопштението на ЗИМ.

Во писмото се нотира дека темите од информатика (информатичко размислување, програмирање, дигитална писменост) моментално се застапени уште во трето одделение во наставните програми и дека оваа застапеност е од 2015. Година. Тоа Македонија ја сместило во првите земји кои го имплементираа ова во нивните наставни планови и програми. Ваквиот чекор во следните неколку години беше следен од голем број развиени земји, како САД, членките на ЕУ, Обединетото кралство, кои во истиот период пристапија кон воведување на овие содржини

-Треба да се препознае потребата на учениците да им се даде добра основа уште од најмала возраст за да тие бидат способни да ја изберат информатиката како нивна идна професија. Тоа овозможува земјата да има голем и профитабилен информатички сектор, кој не само што згрижува значаен дел од работната сила, туку за нив обезбедува високи примања, за државата овозможува раст и зголемен извоз, како и висок приход во пензискиот систем, се потенцира во ставот на ЗИМ.

Претходна вестПочувствуван земјотрес во југозападните делови од Македонија, епицентарот е во Албанија
Следна вестПо бојкотот од Сојузот на средношколци, најава за протест и од Независниот синдикат