Каде прва, таму и втора: Каде ќе се ревакцинираат Македониците во Србија?

Масовната вакцинација на македонските државјани продолжи и викендов во Србија, каде нашите државјани бесплатно се вакцинираат без пријавување само со потребните лични документи.

Најголем број се упатуваат на вакцинација во Врање, каде може да изберат „Фајзер“ или „Синофарм“. Во саботата се вакцинирани 581, а во неделата 391 македонски државјани.

Досега 4 502 наши граѓани се вакцинирани во Врање.

Во помал број доаѓаат и во Ниш и Сурдулица, каде дневно се вакцинираат по околу 100 македонски граѓани, исто така со „Фајзер“ и „Синофарм“.

Поголема гужва се очекува од 18 до 21 јуни, кога е терминот за повторна вакцинација на 5 700 македонските граѓани кои во март во Србија ја примија „Астра Зенека“, кога вакцинирањето беше организирано преку Регионалната стопанска комора.

Од Здравствениот дом во Врање истакнуваат дека оние кои ја примиле првата доза во Ниш, Белград или некој друг град, нема да можат да се ревакцинираат во Врање, туку во градот каде што ја примиле првата доза.

Претходна вестДваесет лица ноќеска казнети за кршење на полицискиот час – најверојатно се и последните
Следна вест„Корона чао“ во 8 града – во 24 часа има 4 нови заразени и еден починат