Католичките и протестантските верници денеска го прославуваат еден од двата најголеми христијански празници Велигден, денот на воскреснувањето на Исус Христос. По овој повод синоќа се одржуваа велигднески бденија, а во скопската католичка катедрала „Пресвето срце Исусово“ беше отслужена Воскресна Света Литургија.
На литургијата присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски…
Велигденската литургија ја предводеше скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх, Киро Стојанов.
-Христос Воскреснатиот, како и на учениците така и нам сака да ни го даде својот мир за кој копнее ова страдално човештво, но не мир кој го познава светот, туку мирот на Воскреснатиот, кој е нешто повеќе и подлабоко од само молчење на оружјето. Тоа е мир, кој непријателот го прави брат, немирот го претвора во мир, омразата во љубов, насилството во меѓусебно служење, мир кој поттикнува оружјата да се претворат во плугови (сп. Исаија 2,4). Но без Христос не можеме да го достигнеме идеалот на тој мир. Затоа ни е потребен денес Христос во секоја пора на нашето глобално општество. Затоа денешниот ранет, егоистичен и рамнодушен човек треба да се сретне со Христос во прекршувањето на лебот и Словото, за да се отворат гробовите и да биде победено сѐ она што носи уништување и смрт на човекот, Божјото создание и целото човечко семејство. Тука е и посланието на денешните Христови ученици: Воскреснатиот Христос денес и нас нѐ испраќа во овој свет да го даруваме неговиот мир, Радосната вест, дека смртта е победена и дека секој човечки напор за доминација, власт, собирања богатства е залудно, затоа што Христос го победи светот. Целата човечка суета ќе ја изгуби смислата кога Христос ќе дојде повторно во својата слава. Ние сме Исусови ученици и ја имаме истата задача како и првите ученици: „Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам вас“ (Иван 20,21). Да бидеме радосни сведоци на Исусовото воскресение со својот живот и својот збор, каде и да сме. На сите ви посакувам среќен празник Воскресение Христово! Христос воскресе!, порача во обраќањето бискупот Стојанов.