„Комунална хигиена“ чистела диви депонии, ама и ја полни ли таа кај „Вардариште“?

Директорот на „Комунална хигиена“ се фалеше дека исчистиле неколку диви депонии во градот, иако тоа не било нивна работа. Вели, ги „светнале“ тие во Чаир, Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром, па апелира скопјани да го одржувале високото ниво на свесност за чистотата на околината.

Супер потег на „Комунална хигиена“. Taка треба. Но има едно клучно прашање: каде ги однесоа купиштата ѓубре од дивите депонии? Дали можеби во привремената- како што ја нарече градоначалникот Петре Шилегов – депонијата кај „Вардариште“? По се изгледа да, бидејќи според објаснувањата на Шилегов пред неколку недели, таа се користела како провремена станица оти се немало капацитети многу ѓубре да се носи веднаш до Дрисла. Иако е ова чудно објаснување, со оглед на фактот што депонијата Вардариште буквално расте пред дворовите на луѓето во Маџари, целата акција на „Комунална хигиена“ очигледно паѓа во вода. Ефтин популизам е да се зборува за чистење на депонии кога таа кај „Вардариште“ ја „краси“ населбата и покрај ветувањата на Шилегов дека ќе биде исчистена уште пред неколку недели.

Дека е опасна ситуацијата со „Вардариште“ говори и фактот што народниот правобранител отвори постапка, по пријава од граѓанин. А околните жители испратија и писма до странските амбасадори за да алармираат за страшната депонија на уште повисоко ниво.

Значи бадијала се фалбите. Ако веќе се спровела акција тоа морало да биде чистење и на депонијата кај „Вардариште“. Чистење на депонии во неколку општини, а полнење на можеби најголемата скопска – ниту е еколошка свест, ниту пак му носи поени на директорот и градското раководство.

Претходна вестОд утре се отвораат сите гранични премини во Македонија
Следна вестПромоција на „Весели вагони низ четири сезони” на Ели Маказлиева