Темен режим Режим на светлина

Ковачевски не ја заборава обемната и скапа администрација, ќе ја реформирал и направел ефикасна

Јавната администрација во Македонија е посебна приказна во многуте тешки приказни кои секојдневно се прераскажуваат низ земјава. Преобемна е, неефикасна е, прескапа е администрацијата…

Секоја власт ветува дека ќе ја реформира таквата администрација и секогаш сето тоа останува само на зборови. Силни зборови особено во предизборни периоди.

-Да се добие современа, ефикасна и дигитализирана јавна администрација според европските пракси и регулативи е целта на новата Стратегија за реформа на јавната администрација од 2023 до 2030-та година што денеска беше промовирана од власта. На собирот што го организираше Министерството за информатичко општество и администрација со видео-обраќање се обрати дури и премиерот Димитар Ковачевски кој со делегација е расрчан по светот за да и донесе светла иднина на Македонија.

– Стратегија за реформа на јавната администрација има едноставна и јасна цел. Испорака на повеќе и поквалитетни јавни услуги за сите граѓани и за приватниот сектор. Секој кој го полни државниот буџет преку даноците има право на брза и ефикасна услуга од институциите, а тоа е можно единствено со професионална, деполитизирана, ефикасна, ефективна и отчетна јавна администрација, поддржана од интензивна дигитализација, нагласи Ковачевски.

Тој објасни дека реформата на јавната администрација е поставена како основа на процесот на проширување на ЕУ и е дел од клучната област од кластерот основи.

Зошто до сега немаше реформа на дминистрацијата не беше кажано.

Во март годинава, откако извршија контрола на проектот „Реформа во јавната администрација“ Државниот завод за ревизија соопшти дека „роковите за донесување на клучните закони за спроведување на реформи во јавната администрација континуирано се одложуваат, а спроведени се само 52 отсто од планираните активности“.

Инаку, бројот на вработените во јавниот сектор во Македонија минатата година година изнесуваше 129.347. Значително намалување на администрацијата, која се финансира од државниот буџет, никако да се случи. Пред три години тогашниот премиер Зоран Заев најавуваше намалување на администрацијата за 20 проценти преку разни мерки, но тоа не се случи. Во декември минатата година актуелната министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска кажа дека „нема да има отпуштања и намалување на платите во јавната администрација“. Намалувањето сега не го спомена ниту премиерот Димитар Ковачевски, а што повлекува прашањето како ќе се спроведува реформата предвидена во наредниве седум години? Барем нема ли веќе да поставуваат партиски кадри на директорски места како она неодамна на Царина?

Минатата година и Европската комисија во својот извештај за напредокот на Македонија укажа дека „нема напредок во административните процедури и дека доцнат реформите на администрацијата“.

Критики и забелешки кон јавната администрација имаат и граѓаните кои често посочуваат дека се среќаваат со бавни процедури, неефикасни служби, несоодветни кадри кои се примаат по партиски интервенции и слично.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Археолозите се плашат да ја отворат гробницата на првиот кинески цар, има ли замки во неа?

Следна објава

Пензионерите протестираат пред Владата: Бараме повисоки пензии, ако има за вас треба да има и за нас