Mакедонските и бугарските историчари на онлајн средба, ќе го секцираат ли и Гоце Делчев?

Содржината во македонските учебници по историја за средновековниот период и раноосманлискиот период, но и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев ќе биде тема на 11. средба на македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања, која ќе се одржи денеска и утре. Поради состојбата со Ковид-19 средбата ќе се одржи онлајн.

На претходната средба беа разгледувани и усвоени препораки за бугарските учебници за овие периоди.

На оваа средба, вчера претходеше искажување на различни ставови околу преговорите од страна на бугарскиот и од страна македонскиот копретседател Ангел Димитров и Драги Ѓоргиев. Димитров во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ) истакна дека постојат разлики меѓу политичарите и историчарите во Македонија.

-Политичарите од двете страни сакаат напредок, но историчарите од македонска страна на комисијата прават се што е можно да не се случи тоа, смета тој.

На ова професорот Ѓоргиев, пак во изјава за Радио Слободна Европа изрази зачуденост од изјавата на неговиот колега.

-Зачуден сум од силната политичка изјава на колегата член на академско и експертско тело, и тоа во пресрет на новата средба. Ставот за монолитна политичка позиција во однос погледите за минатото е како оддек од едно друго време. Исто така, да се подредува нашата работа на политички барања и погледи е академски неприфатливо, вели Ѓоргиев.

Претходна вестОблачно со повремен дожд
Следна вестГрадоначалникот на Куманово со порака и објаснување до Бучковски што е велепредавство