Методија Спасовски: Имавме трема кога игравме против Пеле, чест ми е што дадов гол против него на Маракана

-Се растажив кога ја слушнав веста дека починал Пеле. Замина еден од најголемите фудбалери на светот. Но, тоа е животот…, а таквите луѓе и спортисти не можат да се заборават. Бразилецот се вгради во фудбалска вечност.

Ова за „Скопско Ехо“ го вели македонската фудбалска легенда Методија Спасовски. Овој поранешен репрезентативец на Југославија и великан на скопски ФК Вардар, е еден од двајцата македонски фудбалери кои своевремено имале можност да играат против бразилската фудбалска легенда. Спасовски беше дел од југословенската фудбалска репрезентација кога во 1968 година на бразилска „Маракана“ играше против најдобрата селекција на Бразил предводена од феноменалниот Пеле. Освен него, на овој натпревар играл и Кирил Дојчиновски кој во август годинава почина.

Спасовски, со кого зборувавме денеска, вели дека добро се сеќава на пријателскиот натпревар меѓу Југославија и Бразил пред преполн стадион на 17 декември 1968 година.

-Бев тогаш дел од тимот. Селекторот Рајко Митиќ ми определи да играм на десно крило. Се сеќавам дека имавме трема пред натпреварот, за тоа како ќе поминеме, да не загубиме… Селекторот Митиќ во соблекувалната ни рече: Играјте слободно, не се плашете. Тоа е Бразил, но треба да играме наша игра. Нам ни беше најважно да не загубиме натпревар, се сеќава Методија Спасовски.

Тој е посебно горд што бил стрелец на првиот гол.

-Беше седма минута и топката дојде до мене, веднаш ја упатив кон голот. Бев пресреќен што сум стрелец. Како поинаку да се чувствува еден фудбалер кој на големиот Бразил предводен од Пеле му дава гол на „Маракана“. Тоа чувство нема цена, ни вели Спасовски.

Вели дека на тој натпревар немал директен дуел со Пеле оти и двајцата играле во напад.

-Но, го гледав во текот на натпреварот, кога имаше топка. Учев од него. Фантастичен беше. Публиката го сакаше многу. Се знаеше. Тој навистина беше најдобар фудбалер во тоа време – даваше голови, местеше, дриблаше, градеше позиции… Не се знаеше во што е подобар, вели ова македонска фудбалска легенда.

Во составот на Југославија тогаш играа и Ќурковиќ, Џајиќ, Дојчиновски, Холецер, Мусемиќ, Букал, Аќимовиќ… Легендата Пеле го даде вториот гол за Бразил, а резултатот на крајот беше 3:3.

Инаку, македонската фудбалска легенда не сака да прави споредба меѓу Пеле, Марадона и Меси.

-Пеле во негово време беше најдобар. Марадона во своето, Меси во своето време. Не може сега да се прават споредби меѓу нив. Секој е најдобар во свое време. А Пеле беше најдобар во голема конкуренција оти Бразил имаше фантастични играчи, па замислете сега каков голем фудбалер бил. Жално е што замина, но ќе го паметиме секогаш додека се игра фудбалот, потенцира Методија Спасовски.

Претходна вестЗарем до сега не беа засукани ракавите во болното здравство?
Следна вестПожар во казино во Ѓорче Петров