На ТВ гледајте пред се емисии со позабавна содржина, документарни, музички прилози…

Димитар Ќуркчиев, новинар во пензија кој сиот свој работен век го поминал во најстариот дневен весник „Нова Македонија“еден од основачите на најтиражниот неделник „Екран“, критички е настроен кон денешните тв новинари, поради нивната необразованост и отсуството на етика…

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на ТВ?

– Во ова време-невреме, оптоварено со политика и политиканство, партизација на места и субјекти кои ни оддалеку не треба да се под нејзино влијание, непосредно го разјадуваат менталниот склоп на просечниот тв гледач, доведувајќи го неретко во стресна состојба и хаотичност. Токму затоа моите сограѓани треба да го насочат своето внимание кон емисии со полесна и позабавна содржина, документарни или музички прилози или едукативни програми од кои ќе има што да научат и истовремено ќе им го оттргнат вниманието од секојдневните проблеми.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?

– Драги мои сограѓани, одбегнувајте ги утринските и дневните контактни емисии. Затоа што во нив се јавуваат претежно лица со потпросечен интелектуален и духовен капацитет, оптоварени со негативна енергија и критизерство кон се и сешто, Но, истовремено, и дежурни јавувачи од партиските штабови со задача да извршат влијание врз јавното мислење и присоберат по некој политички поен за својата партија. Затоа што животот не почнува и не завршува со партиите и партизацијата. Да можат тие би се пикнале и во вашите домашни фрижидери!

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

– Како роден скопјанец мислам дека македонската престолнина е горе-долу доволно застапена на скопските тв канали. Меѓутоа, мислам дека Скопје за неговите жители се уште не е доволно откриено и истражено. Неговото историско минато не е единствената тема. Постојат и низа други – социјални, културолошки, економски, еколошки и други. Зошто Римскиот водовод е оставен незаштитен и препуштен на забот на времето иако претставува археоошки локалитет со непроценлива вредност? Загадениот воздух пак во Скопје е посебна приказна. Дивите депонии претставуваат голем еколошки проблем зашто предизвикуваат тројно загадување – на водата, почвата и воздухот. Вегетацијата низ градот исто така е стара, но се уште  актуелна тема. Урбанистичката мафија и нејзиниот огромен апетит за профит ја жртвуваше градската вегетација. Ќе има ли спас за скопската метропола? Досега за овие теми се направени безброј анкети меѓу граѓаните. А го прашал ли некој Скопје што мисли за нив?

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

– Често наидуваме на драстични примери на разлика во цените на одредени производи. Ќе купите предмет што ви треба за вашето домаќинство. За него ќе платите 500 денари. Подоцна ќе се вратите дома и случајно од соседот ќе разберете дека за истиот предмет платил 200 денари! Би било добро и корисно за гледачите да бидат информирани за драстичните разлики во цената. Би направил емисија со наслов „Поскапо-поевтино“ и во неа би посочил дека производот во одредена продавница чини волку, а во друга толку. Корисно за смирување на суетата на гледачот, а пред се за неговиот џеб!

Претходна вест27 години добиваме ветувања за пруга кон Бугарија, денеска таа традицијата продолжи
Следна вестОткако застана зад Заев – Бучковски стана владин претставник за Бугарија