Непознати лица направиле упад на манастирскиот имот „Свети Атанасиј“ на тетовското Кале, при што во црквата биле искршени сите прозорци со што е направена сериозна материјална штета, соопшти денеска Тетовско-гостиварската епархија на Македонската православна црква.
Вандализмот се случува откако пред нешто повеќе од една недела непознати сторители поставиле знаме на Албанија на куполата на црквата и знаме на ОНА на бандера на влезот на Калето.
-Ова е време на големиот пост кога христијаните се подготвуваат за Христовото Воскреснување, а нашите сограѓани муслимани се во рамазански пости, па оттаму сметаме дека ова би требало да е време за преиспитување, созревање и будење на човечност, соопшти Тетовско-гостиварската епархија.
На крајот на ноември лани во Тетовско, на Попова Шапка се случи сличен инцидент. Тогаш две маскирани лица го симнаа знамето на Македонската православна црква – Охридска архиеписопија (МПЦ-ОА) од јарболот во дворот на манастирскиот комплекс „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка и на негово место го поставија знамето на Албанија.